САД и Украина имаат различни гледишта за тежиштето на офанзивата на украинските трупи / Фото: ЕПА

Додека украинската војска останува фокусирана на враќање на територијата на исток, американските власти се залагаат за промена на југ

Посетата на Зеленски на Вашингтон откри стратегиска несинхронизираност меѓу Украина и САД

Украина ќе го врати жестоко оспоруваниот источен град Бахмут од Русија до крајот на годината, предвиде претседателот Володимир Зеленски за време на својата посета на Вашингтон. Украинскиот претседател на состанокот во четвртокот со американските уредници исто така предвиде дека украинските трупи ќе „деокупираат уште два града“ преземени од Русија. Спротивно на очекувањата на воените аналитичари на Западот, Зеленски дополнително рече дека Украина ќе се бори во текот на зимата, без пауза. Процените на украинските стратези се дека рускиот претседател Владимир Путин ќе паузира со операциите, бидејќи изгубил толку многу војници. Ваквите тврдења на украинскиот политички лидер, како што пишува американскиот весник „Њујорк тајмс“, го покажува јазот меѓу Киев и американските воени планери што веруваат дека Украина треба повеќе да се фокусира на југот.
При посетата на САД, Зеленски го обнови барањето за ракети со поголем дострел. Администрацијата на Бајден, која испрати милијарди долари помош за Украина, размислуваше дали да обезбеди дел од својот ограничен инвентар на армиски тактички ракетни системи познати како ATACMS.

– На Украина ѝ треба поголема ракетна способност. Немаме друг излез – рече Зеленски.
Американските разузнавачки и воени претставници долго време се прашуваат зошто Украина се бореше толку тешко во Бахмут, во една од најкрвавите битки во војната. Во март, секретарот за одбрана Лојд Џеј Остин Трети рече дека градот има „повеќе симболична вредност отколку стратегиска и оперативна вредност“.
Но, Зеленски имаше намера да се обиде да ја врати изгубената територија, а Украина посвети голем број војници и оружје за повторно преземање на Бахмут и одбрана на околниот регион Донбас. Некои американски официјални лица велат дека борбата во Бахмут станала нешто како опсесија за Зеленски и неговите воени водачи. Немилосрдното фокусирање на Украинците на градот ги наведе да веруваат дека можната победа е веднаш зад аголот, откако американските власти ги советуваа да продолжат кон други цели бидејќи победата за која било страна би била Пирова, пишува „Њујорк тајмс“.
– Но Зеленски би можел да смета на нефункционалноста на платеничката група „Вагнер“ по смртта на нејзиниот водач Евгениј Пригожин во авионска несреќа минатиот месец. Со заминувањето на Пригожин и сомневањата за иднината на „Вагнер“, украинските трупи би можеле да имаат шанса во Бахмут – рече еден американски функционер во петокот.
Американските воени претставници сакаат Украина да изврши притисок за ослободување на градот Мелитопол, на југот на земјата. Иако тоа беше во фокусот на неодамнешните обиди, времето за Украина е сѐ пократко за да ја наруши руската одбрана. Повторното заземање на Мелитопол ќе ѝ овозможи на Украина да користи артилерија со краток дострел за да ги десеткува руските линии за снабдување на Крим, што ќе изврши притисок врз руското воено упориште таму. Некои американски функционери рекоа дека украинската контраофанзива се чини дека нема да ги исполни своите стратегиски цели за пресекување или стеснување на копнениот мост меѓу Крим и руската граница.

Американските власти изјавија дека наскоро ќе биде уште потешко за украинските сили да одржат чекор напред бидејќи земјата станува помека. Некои официјални лица велат дека во рок од неколку недели, на украинската армија ќе ѝ треба време да ги обнови резервите на опрема и силите за одмор, исцрпени од летните борби.
Но, Зеленски ги отфрли таквите аргументи, инсистирајќи дека бидејќи руските сили бараат пауза, неговите сили нема да запрат. На состанокот минатата недела претседателот Бајден му рече на Зеленски дека САД ќе останат со Украина во војната.
Но растечката фракција на Републиканската партија се закани дека ќе ја запре помошта, потег што не наиде на одобрување кај Зеленски. Ова беше негова втора посета на Вашингтон за време на војната и се појави во Капитол Хил, Пентагон и Белата куќа. Зеленски рече дека спикерот Кевин Мекарти, републиканецот од Калифорнија, му рекол дека Домот ќе продолжи да „биде на нивна страна“, но дека „не е едноставно“.