Бугарската влада во заминување ги користи последните сили за да алармира за тоа како мафијата преземала контрола врз граничниот премин „Капетан Андреево“, што се смета за клучен за влез во ЕУ, подривајќи ги стандардите на внатрешниот пазар на европскиот блок, особено во поглед на безбедноста на храната, пишува „Политико“.
Со години граничниот премин „Капетан Андреево“ помеѓу Бугарија и Турција е озлогласен како влезна точка за дрогата во ЕУ, како и за место каде што се врши изнуда на увозниците. Бугарските политичари сега се обидуваат да го насочат вниманието на ЕУ кон проблемот при кој криминална група дозволила увоз на значителни количества храна во ЕУ без задолжителните контроли, за време на претходните власти.
Премиерот во заминување Кирил Петков дојде на власт врз основа на антикорупциска реформа. Неговите политички сојузници што уште се на функција сега поттикнаа јавна кампања што цели кон уривање на криминалната група на границата.
Корупцијата на бугарските граници поврзана со мафијата претставува долгорочна причина зошто на Бугарија не ѝ дозволен влез во шенген-зоната. Спротиставувањето на интересите на моќната мафија во Бугарија не е за секого. Заменик-министерот за земјоделство, Иван Христанов, кој ја предводи кампањата за „Капетан Андреево“, сега е под обезбедување поради заканите со кои се соочува, исто како и други претставници на властите и нивните роднини. Христанов побара извештај за граничниот премин во јануари и веќе следниот ден доби предупредување од мафијата.
– Имаше порака од мафијашите, што беше во вид на прашање. Дали ќе има војна со тебе? Или ќе имаме мир? – кажа Христанов во интервју за „Политико“.
Истрагата на бугарската влада е насочена кон групите на организираниот криминал што ја користеа навидум монополизираната позицијата за контрола на еден од најфреквентните гранични премини во Европа за да остварат заработка дозволувајќи увоз на храна во ЕУ, што под вообичаени околности не би можел да ја премине границата.
Министерот за финансии во заминување, кој се очекува да ја преземе премиерската функција, Асен Василев, проценува дека штетите од корупцијата на граничниот премин „Капетан Андреево“ изнесуваат околу 2.500 евра по час, или околу 22 милиони евра годишно.