Таканаречениот Социјален климатски фонд на ЕУ е формиран со цел да ги поддржи напорите за транзиција кон климатска неутралност, помагајќи во ублажување на социјалните и економските влијанија на мерките за намалување на емисиите на штетни гасови. Средствата од фондот се наменети за поддршка на ранливите категории граѓани, како оние што живеат во енергетска или транспортна сиромаштија, со цел да не бидат изоставени во процесот на зелена транзиција
Софија повторно демонстрира дефицит од реформски капацитет што го бара Брисел
Бугарија би можела да загуби 2,5 милијарди евра во форма на грантови од Социјалниот климатски фонд на ЕУ, затоа што доцни со подготовката на својот национален план за социјална клима, предупредуваат еколошки невладини организации.
– Постои загриженост дека Бугарија нема да може навреме да го поднесе својот план за социјална клима до Европската комисија, што би значело губење на предвидените пари – се наведува во заедничката реакција на еколошките организации, меѓу кои и „Светскиот фонд за природата“ (ВВФ), „За Земјата“ и „Хабитат“-Бугарија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, бугарскиот план треба да биде доставен до Европската комисија (ЕК) најдоцна до крајот на јуни годинава. Планот има цел да им обезбеди финансиска помош на бугарските граѓани и компании што се изложени на ризик од енергетска и транспортна сиромаштија.
Според статистичките податоци, 1,8 милион луѓе во Бугарија, што претставува речиси 30 отсто од населението на земјата, спаѓаат во категоријата енергетски сиромашни, поради нивните ниски месечни примања. Експертот за енергија на организацијата „За Земјата“, Светослав Стојков, смета дека треба да се создаде едноставна процедура, која ќе ги намали административните пречки за парите да бидат достапни за сите социјални групи, вклучувајќи ги и најранливите категории граѓани и лицата со траен инвалидитет.
Постојат и низа други индикатори дека има реален „застој на реформите“ во Бугарија
Деновиве бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев во јавноста децидно изјави дека „Бугарија би можела да загуби 4 милијарди евра грантови во рамките на инструментот за закрепнување и отпорност на ЕУ, поради доцнење во спроведувањето на предвидените реформи“. Ваквиот застој во реформите пред сѐ му се припишува на фактот што во изминативе неколку години Бугарија беше раководена од технички кабинети или политички влади со краток мандат.
Натаму, опстојувањето и на актуелната коалициска влада станува неизвесно по минатонеделната одлука на Уставниот суд, со која популистичката партија Величие, која досега беше надвор од парламентот, доби десет пратенички места. Со ова, мнозинството на владејачката коалиција е сведено на апсолутниот минимум од 121 од вкупно 240-те пратеници.
Политичките експерти и аналитичари оценуваат дека ваквата одлука на Судот би можела да доведе до нови предвремени парламентарни избори во Бугарија, кои би биле осми од април 2021 година. Тоа би резултирало со формирање нова техничка влада и веројатно дополнително одлагање на спроведувањето на реформите и можни дополнителни загуби на средства од европските фондови. Р.С.