КОСОВО

Косовскиот претседател Хашим Тачи ја прифати поканата од специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за преговорите меѓу Косово и Србија, амбасадорот Ричард Гренел, за средба во Вашингтон, заедно со премиерот Авдулах Хоти, со претставници на Белград. По добивањето на поканата од Гренел, Тачи рече дека средбата во Белата куќа, која е закажана за 27 јуни и за која веќе го потврди учеството и српската страна, претставува „значаен чекор напред за Косово“.

Тој изрази уверување дека вашингтонската средба ќе претставува чекор напред кон постигнување конечен договор за споровите со Србија. Тој договор, според косовскиот претседател, ќе подразбира меѓусебно признавање на двете држави и нема да содржи никаква размена на територии или промена на границите.
Косово, рече Тачи, секогаш им верувало на Соединетите Американски Држави и секогаш излегувало како победник.

Дијалогот меѓу Косово и Србија беше прекинат во ноември 2018 година, кога косовската влада, предводена од тогашниот премиер Рамуш Харадинај, воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина, поради кампањата на Белград за повлекување на признавањата на независноста на Косово и спречување на неговото зачленување во Интерпол, УНЕСКО и други меѓународни организации.
За продолжување на дијалогот, вчера во Приштина се очекуваше да допатува посредникот на ЕУ во процесот, словачкиот дипломат Мирослав Лајчак.