Последните години српските ергени сѝ почесто се женат за Албанки, кои ги наоѓаат преку агенциите за посредување во земјите од регионот. Бизнисот со посредување е добро исплатлив, а за оваа услуга се наплаќа и до три илјади евра. Интересот на неженетите Срби за запознавање со жени од Албанија е голем, изјави еден сопственик на агенција за запознавање. Српскиот весник „Курир“ пренесува изјава од Мишко Јовановиќ, кој има агенција регистрирана во Тирана. Тој со овој бизнис почнал пред осум години
– Ова е разработен бизнис, кој функционираше и пред нас. Постои соработка со агенции од сите земји во регионот. Нема правило, најголем интерес има кај Србите, но има и Хрвати и луѓе од Босна и Херцеговина, од Западна Европа – вели тој во телефонскиот разговор за „Курир“.
Неговата услуга се состои во посредување меѓу младите, но не и во склучувањето на браковите. Запознавањето се одвива во три фази. Прво мажите пројавуваат интерес и треба да испратат биографија и фотографии.

– Врз основа на овие податоци ги ангажираме нашите соработници на терен во цела Албанија. Кога ќе се најде соодветна личност, која изразува желба да се запознае со потенцијалниот младоженец, тогаш ги запознаваме. Средбата е физичка, нема размена на телефони, социјални профили и слично. Тука се прават прелиминарни договори, доколку си се допаднат меѓусебно. Следниот чекор е посета на семејството на младата или нејзиниот брат да ги види условите во кои би живеела кај идниот партнер. Третиот чекор е младоженецот да замине во Албанија, каде што се прави свршувачка. Некогаш свршувачката е истовремено со свадбата – вели Јовановиќ.
Целата постапка понекогаш трае неколку недели или месеци, додека не се склучи бракот. Потоа се прави свадба во местото каде што живее младоженецот.
Последните години интересот на Албанките за мажење во Србија е намален, тие повеќе сакаат да заминат во земјите од Западна Европа.

– За Хрватска има поголема заинтересираност, затоа што таа е членка на Европската Унија. Без разлика што ќе живеат под кирија во некоја европска земја, Албанките повеќе сакаат да живеат во Европа, отколку да имаат сопствен имот во Србија, Црна Гора или во БиХ – вели Јовановиќ.
Најмногу жени од Албанија се омажиле за партнери од местата околу Краљево, Љубовиља, Бајина Башта, Ниш, Алексинац, пишува „Курир“.