По изборот на новата администрација на САД, се споменува и промена на политиката за вложување во земји со понизок економски развој, а неизвесност за идните американски инвестиции во регионот внесе и информацијата за можно затворање на претставништвото на ДФЦ во Белград

Сугестиите за затворање на белградската канцеларија на ДФЦ, кои се дел од новата американска стратегија ресурсите повеќе да се насочуваат во државите со пониски приходи, предизвикаа загриженост меѓу приврзаниците на политиките на САД на Балканот. Наспроти разговорите на челните луѓе за затворање на канцеларијата во Србија, од развојната банка на САД наведуваат дека остануваат посветени на поддршката за приватните инвестиции на Западен Балкан. Радио Слободна Европа ја пренесува изјавата на Дејвид Марчик, главниот оперативен директор на американската Меѓународна развојна финансиска корпорација (ДФЦ), објавена на 19 февруари, за тоа дека банката е посветена на инвестициите во регионот, вклучувајќи ги критичните инфраструктури и обновливите извори на енергија, и тоа во период кога Кина и Русија ги зголемуваат напорите да постигнат поголемо влијание во регионот.
– Сакаме да ги реализираме неодамна обновените договори за поттикнување на вложувањата со Косово и со Србија. Остануваме посветени и продолжуваме со нашиот засилен фокус, кој е почнат минатата година со воспоставување регионално присуство на ДФЦ во Белград – нагласи Марчик.
Со своја реакција до јавноста се јави и Енди Земенидес, извршниот директор на Хелсиншко-американскиот лидерски совет, кој во писмото до администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, порача дека „не е време за создавање забуни во поглед на посветеноста на САД во регионот“.

– Нестрпливи сме да слушнеме од новото раководство на ДФЦ јавно да се обврзат за континуирана поддршка на Западен Балкан и Егејскиот Регион, што значи и задржување на својата канцеларија во Белград – се наведува во писмото на Земенидес, пренесе РСЕ.
Информациите за затворање на канцеларијата доаѓаат неколку недели откако Бајден стапи на должноста претседател на САД и го отпушти човекот што ја водеше финансиската институција. Канцеларијата на ДФЦ во Белград беше отворена лани кон крајот на септември, по средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ со специјалниот претставник на САД за дијалогот меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, и со извршниот директор на американската развојна банка, Адам Болер. Ова беше силно поддржано од поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој веруваше дека со унапредување на економските врски меѓу Србија и Косово би можело да се помогне во решавањето на деценискиот спор меѓу овие две земји. Отворањето на канцеларијата беше дел од Вашингтонскиот договор меѓу Србија и Косово, кој подразбираше и остварување на проектот „Автопат на мирот“ што ќе ги поврзуваше Белград и Приштина, како и воспоставување квалитетна железничка врска меѓу двата града, но и обезбедување средства за финансирање заеми за мали и средни претпријатија.

Инфраструктурното и сообраќајно поврзување на Белград и Приштина има големо значење и за целиот регион на Западен Балкан. Овие проекти ќе го олеснат и функционирањето на договорот меѓу Албанија, Србија и Македонија за т.н. мини-шенген, односно за формирањето заеднички пазар и слободно движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот, посочуваат економските аналитичари.
Информацијата за можното затворање на белградското претставништво на ДФЦ се случува во време кога новата американска администрација најавува „враќање на САД“ во регионите во кои е сѐ понагласено присуството на руските и кинеските инвестиции. Познато е дека Кина троши десетина милијарди долари на инфраструктурни и енергетски проекти во земјите во развој, вклучувајќи и на Балканот, настојувајќи да ја истисне американската глобална доминација.

Интересите на САД во овој дел на Европа се фокусирани и на намалување на енергетската зависност на Западен Балкан од Русија, а особено во Србија, која е во завршна фаза од реализацијата на гасоводот за рускиот природен гас. Во Србија во 2018 година работеле околу сто американски компании, кои инвестирале четири милијарди евра и вработувале 20.000 лица. Вкупните инвестиции на сите компании што членуваат во Американската стопанска комора изнесуваат 14 милијарди евра, а во нив работат 100 илјади лица, пишува Радио Слободна Европа.
ДФЦ имаше дозвола да инвестира во стратегиски важни енергетски проекти во државите со поголеми приходи, како Грција, која се смета за важна алка во развојот на Западен Балкан. Американските инвестициски компании се обидуваат да се стекнат со одлучувачко влијание во управувањето со грчките пристаништа, за кои веќе се заинтересираа и кинески компании.
Во периодот од 1 јануари до 30 септември 2019 година, од САД како директни инвестиции во Македонија, преку сопственички капитал, влегле 3,5 милиони евра, додека со должнички инструменти се инвестирани 7,93 милиони евра, покажуваат податоците на Народната банка на Македонија.