Хрватското Mинистерство за одбрана соопшти дека еден од тројцата војници кои утрово беа нападнати во Авганистан им подлегнал на повредите предизвикани од нападот врз возило на хрватската армија во главниот град Кабул, објави агенцијата „Хина“.

Според информациите, станува збор за припадник на хрватските специјални сили, роден во 1992 година, кој бил ангажиран на позиција за советување и менторство на авганистанските безбедносни сили.

Хрватското министерство изјави дека војникот по нападот добил максимална медицинска помош во американската болница во Баграм, но дека поради сериозноста на повредите починал.

Министерството за одбрана и хрватската армија изразија жалење поради смртта на војникот и остро го осудија нападот.

Се тврди дека министерот за одбрана, Дамир Крстичевиќ, го посетил семејството на починатиот и изразил сочувство.

Авганистанските медиуми објавија дека талибанците презеле одговорност за денешниот самоубиствен бомбашки напад врз возило на хрватската армија во главниот град Кабул, при што беа повредени тројца војници.