Љубљана – Словенечката влада подготви закон, кој предвидува државата да потроши 780 милиони евра за вооружување и опрема на армијата. Ако предлог-законот биде изгласан во Собранието, многу е веројатно дека Словенија до 2026 г. ќе го исполни барањето на НАТО секоја земја-членка да одвојува по два процента од својот бруто-домашен производ (БДП) за одбраната. На словенечката армија ѝ се потребни вкупно три милијарди евра за опремување на два средни борбени баталјони. Од Министерството за одбрана веќе со месеци предупредуваат дека армијата се соочува и со недостиг од кадар. (МИА)

Загреб – Во Хрватска се регистрирани 11 новозаболени од коронавирусот, а четворица се во болница. Епидемиологот Бернард Каиќ од Хрватскиот завод за јавно здравје констатира дека луѓето во Хрватска многу се опуштиле, како коронавирусот да го нема повеќе во Хрватска.
– Мислам дека прерано се опуштивме, луѓето не се придржуваат ниту до физичка дистанца, а маски веќе никаде не носат. Новиот бран може да почне за околу две недели, можеби и веќе влеговме во него. Луѓето треба да се однесуваат како пред месец-два – вели Каиќ. („Јутарњи лист“)

Белград – Републичката изборна комисија го усвои упаството за спроведување на гласањето на територијата на Косово на изборите за пратеници на Собранието на Србија в недела на 21 јуни. Новина е што при утврдувањето на резултатите од гласањето во Рашка и во Врање ќе бидат присутни и претставници од сите подносители на листи. („Новости“)


Бисер балкански

На начинот на Ѓоковиќ

– Мојот начин се покажа како вистински, а вие господа што мислите дека знаете нешто подобро, покажете. Ајде направете најдобар спортист на светот четири пати, па дојдете да зборувате со мене. А дотогаш – во глувчешка дупка – рече Срѓан Ѓоковиќ, татко на најдобриот тенисер на светот за критиките што пристигнуваат на адресата на Новак Ѓоковиќ, кој деновиве е во фокусот на медиумите во светот, кои во негативен контекст пренесуваа за неговата иницијатива за организирање тениски турнир во земјите од регионот, поради состојбата со епидемијата на коронавирусот.