Фото: Игор Бансколиев

Во земјите од регионот мигрантите влегуваат и преку легални компании, преку кои се испраќаат и писма до заинтересираните лица, а вакви случаи се забележани во Црна Гора

Боцкавата жица на словенечко-хрватската граница е последната „одбрана“ за спречување на мигрантите што преку илегалните канали на Балканот се обидуваат да влезат на територијата на Европската Унија. Во 2015 година, Владата на Словенија одлучи да постави жичена ограда на границата со Хрватска, а пет години подоцна таа е засилена и со боцкава жица. Сега оградата е поставена во должина од 180 километри, а како што објави „Дојче веле“, по нејзиното поставување бројот на илегалните преминувања на мигрантите преку Словенија е намален за 40 отсто. Целосно затворање на границата направи и Унгарија, а жичени огради на своите граници поставија и Србија и Македонија, но тоа не го спречи бизнисот за шверцување мигранти преку балканските маршрути, кој се проценува на повеќе од 50 милиони евра годишно.
– На Балканот постојат три главни маршрути за движење на мигрантите: од границата меѓу Грција со Македонија, преку Албанија и третата е преку Србија до Унгарија. Тесно грло е Унско-санскиот кантон во Босна и Херцеговина, кој граничи со Хрватска. Во земјите од регионот влегуваат и преку легални компании, преку кои се испраќаат и писма до мигрантите кога можат да ги поминат границите. Вакви случаи се забележани во Црна Гора, а често тоа се одвива и со превоз во камиони, чии возачи легално го пријавуваат својот сопатник, но кој поседува туѓ пасош – вели Валтер Кемп, еден од авторите на „Анализата за проток на луѓе, дрога и пари на Западен Балкан“, изработена од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИТОС), во разговор за Радио Слободна Европа.

Последните години е намален бројот на луѓето од азиските и арапските земји што илегално се движат кон европските земји. Но секоја година низ Балканот поминуваат повеќе од сто илјади лица. Порано главната линија на патување беше од Грција – Македонија – Србија – Унгарија. Со затворањето на границата меѓу Србија и Унгарија, мигрантите се пренасочија преку Босна и Херцеговина. Во 2015 година половина милион луѓе поминаа преку Србија и Македонија.
Валтер Кемп вели дека има две главни влезни точки на Западен Балкан, а едната е преку Македонија, но и многу повеќе преку Албанија. Излезните точки се од Србија и од Унгарија и преку БиХ, а има и случаи на преминувања преку тунелите на романската граница.
– Има различни видови шверцери, кои се распоредени на различни делови од маршрутата. Носители се лицата „фиксери“, тоа се луѓе што се ангажираат во земјата, како што се таксисти, некои што помагаат за сместување и превоз со автомобили или со камиони. Овие лица не заработуваат многу, по неколку стотина евра. Има и „вратари“, тие им помагаат на мигрантите да поминат река, преку тунел или ограда или преку илегален граничен премин. Тоа е поризично, но и финансиски поисплатливо. Најмногу заработуваат лицата што нудат целосен пакет „од – до“, кои на примерот на туристичка агенција вршат транспортни услуги од Турција до ЕУ. Но има и такви што патуваат сами, користејќи ги искуството на другите мигранти и приватните врски од пријатели на социјалните мрежи и технологијата за самостојно движење низ Западен Балкан – објаснува Кемп.

Организирањето на илегалното патување чини неколку илјади евра. Најголемиот дел се плаќа однапред, во Турција или во Грција. Плаќањето се извршува преку мрежите за трансфер на пари. Мигрантите се среќаваат со шверцерите во бегалските кампови во Грција, а остваруваат контакти и преку интернет. Личните средби најчесто се прават на важни инфраструктурни места, автобуски станици, а пораките се пренесуваат од лице на лице. Безбедносните служби во земјите од Балканот имаат тешкотии при „пробивањето“ на оваа тајна комуникација, но дејствуваат главно на критичните точки.
За периодот на пандемијата на коронавирусот не беше прекината илегалната трговија со луѓе. Дури има и сознанија дека таа го забрза „протокот“ на мигранти преку илегалните канали. Ова, како што објаснува соговорникот на Радио Слободна Европа, се должи на лошата состојба во бегалските кампови, а луѓето сакаат што поскоро да заминат во Европа. На ова влијае и послабата контрола на припадниците на безбедносните служби, кои своите активности ги пренасочуваат и на следење на исполнувањето на препораките од здравствените власти, за спречување на ширењето на епидемијата, како и на други безбедносни приоритети.