Мигрантската криза и натаму е топ-тема во БиХ, но сѐ е поголем проблемот со лажните вести за нив, кои се шират со брзина на светлината на социјалните мрежи, предизвикувајќи паника, страв, но и омраза кон мигрантите, пишува во текстот на „Дојче веле“.

„Киднапирани девојки во Посушје“, „Силувана девојка во Мостар“, „Нападнати девојки во Мостар“, „Мигранти ставиле нешто во пијалаците на девојки во клуб“, се само некои од вестите што во последно време кружат на социјалните мрежи, предизвикувајќи страв и омраза кон мигрантите, кои често се гледаат во овој град.

Полицијата демантираше сѐ, со тврдење дека станува збор за измислици и упати апел со населението да не наседнува. „Нема никакви киднапирања. ’Случајот‘ е решен и го измислија девојки под влијание на алкохол“, ја смируваат јавноста од полициската управа во Посушје.

Додека никој не се занимава со проблемот за ширењето лажни вести и дезинформации за мигрантите во БиХ, каде што е актуелна т.н. мигрантска маршрута, истражувачкиот тим на француската организација „Франс 24 обсерверс“ веќе подолго време ги анализира и ги истражува лажните вести за мигрантите, кои се појавуваат низ Европа и светот. Досега забележале речиси 170 примери на лажни вести што се поткрепени со фотографии од друг случај. Овие „вести“, поради својата сензационалност и плодната, читачка подлога многу брзо станаа вирални.

Меѓу последните во оваа низа е и случајот од Оточиќ во Хрватска, а тоа е наедно и прв случај каде што полицијата поднесе прекршочна пријава поради ширење лажни вести против еден маж, кој измисли дека го нападнале мигранти, а лажната снимка ѝ ја испрати на една новинарка. Во БиХ сѐ уште никој не е казнет поради ширењето лажни вести, иако за тоа постојат законски основи. Нада Далипагиќ, адвокатка од Мостар, за „Дојче веле“ вели оти за тоа се можни и затворски казни до 3 години.
Професорот на безбедносни студии од факултетот „Унион“ во Мостар, Санди Диздаревиќ смета дека ширењето лажни вести сериозно може да ја загрози безбедноста на социјалниот аспект.

Тој нагласува дека во „последните неколку месеци, низ одделни медиуми и на социјалните мрежи се пренесуваат дезинформации, кои надлежните не ги регистрираат“. „Лажните информации можат и да влијаат на безбедноста, на начин што влијаат врз јавното мислење, и се создава перцепција кај граѓаните за мигрантите како ’негативни‘ човечки суштества. Со креирање на ставот за одредено јавно мислење може да се предизвика спротивен ефект, а тоа е дека локалните жители, кога ќе забележат мигранти, можат негативно да дејствуваат, што е апсолутно недозволиво“, го коментира овој феномен Диздаревиќ за „Дојче веле“.