Пратениците во бугарското собрание ги усвоија измените во изборното законодавство, со што е одложено електронското гласање, додека спроведувањето на машинското гласање е ограничено на европските и за локалните избори. Причината за одложувањето е недоволната гаранција за тајноста на гласањето, објави БТВ.

Пратеникот Данаил Кирилов од ГЕРБ изјави дека неговата партија останува на заложбата за зачувување на сигурноста при електронското гласање, за што смета дека постои ризик од грешки во машинското гласање. На измените на начинот на гласање инсистираат од опозициската партија БСП. Според новиот закон, машините за гласање нема бидат применети само во изборни места со помалку од 300 гласачи. Централната изборна комисија ќе одредува каде ќе има машинско гласање.

На првото читање на измените во Изборниот законик беа изгласани одредбите што предвидуваат видеонадзор на избирачките места, како и тоа да не се наведува редниот број на партиите на гласачките ливчиња. Партиите што учествуваат на изборите ќе бидат наведени според редоследот што ќе се направи според ждрепката. Целта на оваа новина е да се избегне феноменот „15-15“, со што гласачите се изјаснувале за ист број и за партиите и за пратениците што се на преференцијалните листи.

Со измените се предвидува и далечинското електронско гласање да се реализира етапно, по спроведувањето истражување и по креирањето заштити на резултатите. Според БСП, владејачкото мнозинство не сака да воведе машинско гласање и го обвини ГЕРБ дека сака да прави манипулации со изборните резултати. Од ГЕРБ инсистираат на тоа дека во оваа фаза ЦИК нема можност да го воведе гласањето со машини во сите избирачки места. Власта одговори дека од БСП однапред почнуваат да бараат оправдувања зошто ќе ги загубат изборите.