Низ пошироки анализи за моменталната состојба на Балканот на водечки медиуми во странство, се нагласуваат спротивставените ставови на некои земји-членки на ЕУ, но и „конфузната политика“ што владее во Брисел, во однос на процесот на проширување, кој по заминувањето на главниот лобист за Балканот во ЕУ станува уште понеизвесен

Аналитички предвидувања и извештаи за ерата по Меркел

„Западниот Балкан е структурно запоставен остров“, „Гледајте кон овој регион!“, „Проширувањето во скоро време е илузија“. Ова се реакциите во германските медиуми во врска со политичкото наследство на германската канцеларка Ангела Меркел, по нејзината последна и официјална посета на земјите од регионот. Во овие главни поенти, кои се содржани во анализите на водечките медиуми во Германија, се искажани недоследностите во заложбите за продолжување на процесот на проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан. Низ пошироки анализи за моменталната состојба на Балканот, се нагласуваат спротивставените ставови на некои земји-членки на ЕУ, но и „конфузната политика“ што владее во Брисел, во однос на процесот на проширување, кој по заминувањето на главниот лобист за Балканот во ЕУ станува уште понеизвесен.
Весникот „Тагесцајтунг“ забележува дека топлиот прием на Меркел на средбата со премиерите на земјите од Западен Балкан и нејзиниот позитивен имиџ, при известувањето на медиумите во регионот, е поврзан со тоа дека „таа никогаш не се откажа од перспективата за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, иако не ѝ успеа да постигне пробив во тој дел“. Одлуката на Меркел да отпатува во регионот непосредно пред завршувањето на нејзиниот мандат, треба да се разбере „како опоменувачки гест за времето потоа: Гледајте кон овој регион! Зашто ЕУ предолго го вртеше погледот настрана, беше премногу зафатена самата со себе, а потоа дојде пандемијата“, пренесува „Дојче веле“.

„Критичарите велат дека стратегијата на Меркел за траен дијалог пропаднала. Но тие не наведуваат алтернативи. А имаше и успеси, како планот за заеднички пазар, укинатиот роаминг, Срби што се капат на албанската ривиера, што за многумина долго беше незамисливо. Берлинскиот процес мора да остане. Скромниот напредок и незадоволството во балканските земји, меѓутоа, покажуваат дека по рутинираните заложби за ’ЕУ-перспектива‘ мора да следуваат политички дела. Останува проблемот што одделни земји-членки можат да го блокираат приклучувањето, во случајот на Северна Македонија, како што се Грција и Бугарија. Унијата мора веднаш да се зафати со промена на ваквите механизми“, оценува „Тагесцајтунг“.
„Зидојче цајтунг“ се осврнува на намалувањето на ентузијазмот во ЕУ за прием на нови членки, поради неспроведените реформи, а на Западен Балкан поради долгото време на чекање на членство во ЕУ. Скептицизмот за проширувањето е присутен пред сѐ во Франција и во Холандија. Во анализата на весникот се споменува Србија, која води тројна политика и притоа е отворена за членство во ЕУ, но истовремено негува и блиски односи со Русија и со Кина. А Албанија, втората станица на Меркел, во мандатот на премиерот Еди Рама одржува сѐ поблиски односи со Турција или Саудиска Арабија, на пример. Оттука, канцеларката во Белград опомена дека на Западен Балкан ’има и влијание од многу други региони во светот‘, па затоа за ЕУ е апсолутно од стратегиски интерес да се примат овие земји во Европската Унија, ако условите се исполнети“.
„Ноје цирхер цајтунг“ констатира дека „Западен Балкан, како што се нарекуваат шесте аспиранти за ЕУ, никогаш не беше надворешнополитички приоритет на канцеларката“ и додава, но Берлин официјално сѐ уште дава поддршка за далечната цел – приклучување. Но остварувањето во скоро време е илузија.

„Западен Балкан е структурно запоставен остров, опкружен од држави од ЕУ, за чиј иден однос со Унијата немаат стратегиска визија ниту Брисел ниту Берлин. Посетата на Меркел реализирана непосредно пред завршувањето на нејзиниот мандат тука ништо не менува“, оценува „Ноје цирхер цајтунг“. Весникот посочува на примерот на Македонија. „Дури и промената на името, со која беше ставен крај на деценискиот спор со Грција, не донесе пробив. Сега почетокот на преговори за приклучување е блокиран од страна на Бугарија, поради спор околу заедничката историја. Но зад Софија се кријат и други противници на проширувањето на Унијата, како Франција, Холандија или Данска.“
Надворешнополитичкиот аналитичар на весникот „Тагесцајтунг“, Бошко Јакшиќ, смета дека „Меркел со својот личен ангажман успеа да го постави Западен Балкан на агендата на ЕУ, но на крајот на една брилијантна кариера, сепак, не може да се пофали со позначајни пробиви.
– Билансот на Берлинскиот процес е тенок. Едвај да има некаков напредок во помирувањето. Луѓето во регионот не добија никаков сигнал како ќе се развиваат работите практично во погледот на интеграциите во Европската Унија, чиј углед без сомнение беше оштетен кога Унијата не му помогна позначително на Западен Балкан во борбата против пандемијата.
Постои стравување дека со заминувањето на Меркел ќе замине и енергијата со која Германија Меркел им остава во аманет на лидерите на регионот да го зачуваат најзначајното наследство на нејзината балканска политика, кое е соочено со опструкции од разни адреси – пишува Јакшиќ, во својата анализа објавена во „Слободан печат“.