Текстот за претставата „Хенгинг араунд“ е одличен пример за бесчувствителноста на модерниот човек и неговата неспособност да се отплетка од јазлите на современото хиперинформациско општество. Знаењето е товар, судбината, иако јасна, тешко е прифатлива, времето не постои, вели режисерот Бојан Трифуновски

Бојан Трифуновски, режисер

Во МНТ во петокот се одржа премиера на новата претстава „Хенгинг араунд“ во режија и адаптација на Бојан Трифуновски. Текстот е на Љупчо Јованов, негов долгогодишен соработник, кој наедно е и сценограф и костимограф на претставата. Во претставата играат: Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

За што зборува „Хенгинг араунд“?
– Главните ликови 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) во оваа приказна се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа. Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овој пат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерале повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна…
Овој невообичаен драмски текст е дело на Љупчо Јованов, зошто се одлучивте да го поставите на сцена?
– Текстот на Јованов е вистинска семантичка ризница што дозволува метатеатарско патување на протагонистите низ дигиталниот отпад на сеќавањата од светот на бајките. Нивната антиавантура и предвидлива митско-бајковита и дифузна судбина придонесуваат да се создаде атмосфера на трагикомедија со примеси на постмодерна сликовница. Текстот е одличен пример за бесчувствителноста на модерниот човек и неговата неспособност да се отплетка од јазлите на современото хиперинформациско општество. Знаењето е товар, судбината, иако јасна, тешко е прифатлива, времето не постои.
Сите овие елементи на овој македонски драмски текст даваат голема можност за синестетичко мешање на жанровите и сериозна ментална подготовка за квазикатарзична претстава, која со својот црн хумор ќе се обиде да ги постави вистинските прашања за причините на неминовната, светска и нужна духовна апокалипса.
Станува збор за ново гледање на некои класични бајки од светската ризница… Кажете ни нешто повеќе за овој приод?
– Комуницирајќи со бајките, на едно едноставно, ноторно ниво, како со нешто свето и недостижно, главните протагонисти се обидуваат да го украдат, да го преварат времето и да ја победат својата смртна природа. Нормално, драмата е во тоа што не можат да го постигнат тоа. Вечно свежа идеја во нов македонски драмски текст. Она што е највозбудливо во целиот тој микрокосмос на Јованов е неговото сериозно и научно владеење со јазикот на метафората. Бајките како замена за нашата до кич разводенета реалност се вистинско поле за истражување на состојбата на духот на европскиот граѓанин. Бруталниот и честопати директен хумор придонесува за растурање на какви било претенциозни метатеатарски обланди, а сепак остава и генерира огромен простор за игра и истражување.
Велите дека „Хенгинг араунд“ ќе се обиде да стане претстава што нема да може да биде етикетирана како конкретен жанр…
– Да, наместо тоа, таа со сите театарски елементи ќе тргне во напад на сите сетила и тотален театар. Балканскиот дух на главните протагонисти изгубени во метафорите на западноевропската цивилизација претставува претпоставка за тенденциозно исклишеизирана комична трагедија за нашето место во непринципиелната Европа. Во секој случај, ова е концепт за халуциногена бајка затруднета со естетика на цинизам и здраворазумско толкување на нашата неспособност да создадеме цивилизација според морален компас. Претставата има автентичен хумор и емоција, оригинално смислен простор, иконографска костимографија и раскошна и олигофрена композиција на сцените, надградена со оригинална и цитатна, но дејствувачка музика на Ади Имери.