Една третина од граѓаните се залагаат за воена соработка со Русија и со Кина

Србија кон крајот на минатата година ги усвои Стратегијата за национална безбедност и Стратегијата за одбрана, во која воената неутралност се поврзува и со воведувањето на воената обврска

Србија во наредниот период ќе може да донесе декларација или закон, со што ќе се потврди повеќедецениската воена неутралност на земјата, наспроти постојните притисоци што доаѓаат од Исток и од Запад. Невлегувањето во воени блокови е најдобра воена стратегија, за која се залага и новоизбраниот министер за одбрана на Србија, Небојша Стефановиќ, а информацијата за усвојување на декларацијата за политичка независност и воена неутралност ја најави и претседателот на државата Александар Вучиќ. Документот за неутрална позиција треба да биде дел од пакетот на акти за дефинирање на внатрешната и надворешната политика на земјата.
– Само силна војска и држава може да бидат воено неутрални. Нашата работа е Србија да биде воено неутрална, да се потпира на себе, да биде суверена и самостојна држава, која донесува свои одлуки, а нејзината војска доволно способна да биде гарант за безбедноста на граѓаните – вели министерот за одбрана Стефановиќ за „Новости“.
Србија кон крајот на минатата година ги усвои Стратегијата за национална безбедност и Стратегијата за одбрана на Република Србија, во која воената неутралност се поврзува и со воведувањето на воената обврска.

Според истражувањата, околу 30 отсто од граѓаните се изјасниле за воена и политичка неутралност, а 37 отсто сметаат дека земјата подобро ќе може да се заштити ако таа им се приближи на Кина и на Русија. На прашањето дали треба да се врати воениот рок за граѓаните, дури 70 отсто се изјасниле со „да“. За ова решение се залагаат најмногу повозрасните граѓани, додека младите не се премногу заинтересирани за служење воен рок.
Враќањето на обврската за служење војска подолго време се разгледува како опција, но сѐ уште нема донесено конечна одлука. Во Министерството за одбрана на Србија во тек е изработка на процена на сите аспекти по ова прашање. Елаборатот е во изработка, а анализата се заснова на воен рок што би траел од три до шест месеци, со одредени поволности за регрутите.
Клучен фактор за прифаќање на овој концепт се финансиите. Нецелосните процени се дека повторното воведување на задолжителното служење војска ќе ја чини државата околу 50 милиони евра годишно, трошоци што со текот на времето ќе се намалуваат. Неопходни се и обезбедување објекти за сместување на војниците, како и приспособување на здравствениот систем на процесот за регрутација. Со тоа ќе се надмине проблемот со пополнување на единиците, кој е присутен и покрај постоењето на професионалните војници.
– Редовно вработените војници, кои и во иднина ќе бидат ’рбетот на вооружените сили, би биле растоварени од сите други обврски. Возачот на тенк би го возел само тенкот, а задачите како што се стража или одржување на објектите ќе ги преземат војниците на служење на воениот рок. Војската би станала економична и посилна – објаснуваат во војската на Србија.

Со воениот рок ќе се обнови и резервниот состав на војници. Од 2011 година, кога официјално беше укината обврската за служење на воениот рок, бројот на припадниците на резервниот состав се намалил за 500 илјади. Доколку продолжи овој тренд, за десет години вооружените сили на Србија ќе имаат драматичен недостиг ода луѓе за пополнување на редовните воени формации.
Со реформите на вооружените сили во 2010 година, бројната состојба е дефинирана на околу 10.000 професионални војници и 36.000 припадници на мирновременска војска. Целосното пополнување на единиците никогаш не било комплетно извршено. Покрај ова, професионалните војници може да го раскинат договорот кога ќе посакаат, а во случај на воена опасност, го прават безбедносниот систем на земјата ранлив, поради можен масовен одлив на војници, сметаат експертите со кои се консултира „Новости“.