Незадоволството на граѓаните во Бихаќ постојано расте, а некои од нив се самоорганизираат за пронаоѓање мигранти на автобуската станица

Граѓаните во Босна и Херцеговина, кои живеат во близината на границата со Хрватска, се незадоволни од сѐ поголемото присуство на мигрантите. Во текот на изминатиот викенд жителите на Бихаќ одржаа протести, а во неделата привремено ја блокираа и градската автобуска станица, како и магистралниот пат. Иницијаторот на протестите, Сеј Рамиќ, за медиумите изјави дека нема да отстапат од своите намери и побара од Министерството за внатрешни работи во рок од два дена да го оневозможат во целост приливот на мигрантите во Унско-санскиот кантон.

– Освен тоа, им дадовме рок од пет дена Советот на министри, Министерството за безбедност во координација со Владата и со градските власти на Бихаќ да ги иселат сите мигранти од Домот за деца на некоја локација надвор од градот. Од властите бараме да нѐ заштитат на законски начин. Впрочем, бараме да се прогласи вонредна состојба. Ние интензивно ќе работиме на тоа да се оневозможи и да се спречи секое натамошно доаѓање на мигрантите во градот – вели Рамиќ.

Проблемот со мигрантите сѐ повеќе преминува во „безбедносна криза“ во Босна и Херцеговина, а граѓаните се обидуваат да се самоорганизираат за да ги заштитат своите домови. Демонстрантите застанале и еден автобус за да проверат дали има патници мигранти, а припадниците на полицијата само набљудувале за да не дојде до поголем инцидент.

Медиумите во БиХ се преполни со текстови за сведоштва на граѓаните, кои се жалат од однесувањето на мигрантите. Незадоволство и страв се вовлече меѓу локалното население што живее во подрачјето на мигрантската маршрута, која поминува низ БиХ, преку карловачката жупанија и продолжува за Словенија. Жителите и викендашите, во местото Генералски Стол, во шумите наидуваат на расфрлано ѓубре што го оставаат мигрантите. – Годинава има многу мигранти. Се движат и во групи од триесетина лица. Живеам сама и се чувствувам несигурно – вели една старица.
Граѓаните се жалат дека мигрантите влегуваат и во домовите за да преноќат или да украдат некои предмети.