Со ширењето на вирусот во летниот период, што се должи на намалената здравствена свест и големата лична недисциплина на граѓаните, состојбата во земјите од Балканот е многу полоша од воведувањето на колективниот карантин на почетокот на пандемијата

Почетокот на новиот туристички бран и зголемениот промет на патници во земјите од Западен Балкан ја зголемија опасноста од поголемо ширење на епидемијата на коронавирусот меѓу населението. Медиумите во регионот пренесуваат слики и видеоснимки од големите туристички капацитети на кои се гледа дека граѓаните или вработените во угостителските објекти и на јавните плажи речиси не се придржуваат на препораките од здравствените власти за одржување на задолжителната дистанца или за носење заштитни маски. Поради сѐ поголемиот број новозаразени во Албанија и еден од најпознатите албански инфектолози, Тритан Кало, упати апел пред сѐ до младата популација да избегнува групирање на плажите и во кафулињата колку што е можно повеќе, зашто не само што го загрозува сопственото здравје, туку го загрозува и здравјето на своите родители. Со ширењето на вирусот во летниот период, што се должи на намалената здравствена свест и големата лична недисциплина на граѓаните, состојбата во земјите од Балканот е многу полоша од воведувањето на колективниот карантин на почетокот на пандемијата. Тоа важи за повеќето земји од регионот што беа ставени на посебен режим, односно на забрана на нивните граѓани да патуваат во земјите од Европската Унија. Дополнителен притисок за нив претставуваат и работниците од Западен Балкан, кои годишниот одмор го поминуваат во своето родно место и ризикуваат при враќањето да го носат и вирусот. Во Германија медиумите отворено пишуваат за постоење на „балканска корона-маршрута“.

Работниците од Косово, Србија и од Хрватска, како и од земјите од Југоисточна Европа, го носат вирусот во Германија. Во март годинава учеството на луѓето што влегле во Германија со инфекција било над 50 отсто, но по ограничувањето на патувањата набргу се намали под 10 отсто. Но сега, по годишноодморските месеци, повторно е во пораст, пишува германскиот весник „Хамбургер абендблат“.
Според податоците на институтот „Роберт Кох“, во првите четири недели од јули годинава во Германија биле регистрирани 7.977 нови случаи на зараза. Околу 85 отсто од нив, или 6.809, се заразиле во Германија, но исто така е забележано дека повеќе од 50 отсто од новоинфицираните што одат во Германија доаѓаат од Југоисточна Европа. Според овој извештај, 303 случаи биле од Косово, 242 од Србија, 70 од Турција, 67 од Босна и Херцеговина, 36 од Романија, 29 од Хрватска, 27 од Бугарија и 25 од Македонија.

Вкупната бројка на заразени од Југоисточна Европа изнесува околу 800 од вкупно 8.000 случаи во Германија забележани во овој период, пишува весникот „Велт“. Прашањето е дали овие бројки ќе пораснат во август, за време на летните одмори, кога луѓето од овие земји традиционално заминуваат во својата татковина.
„Велт“ пишува за „балканска корона-маршрута“, во која ја опишува состојбата со ширењето на коронавирусот, а посебно се наведува примерот со Србија. Во оваа земја од почетокот на јули бројот на починатите лица од ковид-19 се удвои, од 280 на 560, а бројот на новоинфицираните лица расте. Истовремено, се пренесува и информацијата на порталот „Балкан инсајт“ за тоа дека официјалните бројки за жртви од епидемијата се многу помали од реалната состојба.

Во Албанија вчера беше регистриран нов негативен рекорд на новозаразени. Од 505 теста, позитивен резултат беше добиен кај 120, што е највисока бројка на заразени во едно деноноќие. Поранешниот албански министер за здравство, познатиот анестезиолог и универзитетски професор Тритан Шеху оцени дека во Албанија речиси ништо не функционирало во борбата со ковид-19 и оти сѐ е многу полошо отколку на почетокот на пандемијата.

– Денеска, во оваа тешка ситуација, јас не гледам стратегија. Владата ја смени улогата. Нејзината улога не е да проповеда, туку да организира здравствена заштита и да спроведува неопходни мерки и активности во интерес на здравјето на населението. Тоа е должност на Владата. Речиси ништо не функционира. Факт е дека сѐ е полошо отколку на почетокот на пандемијата – изјави Шеху гостувајќи во емисија на телевизијата Ора њуз.
Според него, и понатаму Албанија е последна земја во Европа по бројот на направени тестови дневно.

Поради усложнување на состојбата со епидемијата, Кризниот штаб на Федералното министерство за здравство во Босна и Херцеговина донесе нови препораки за граѓаните да избегнуваат јавни собирања и да ги ограничат своите движења. Во последните 24 часа во ФБиХ биле тестирани 398 лица, од кои 78 биле позитивни на ковид-19. Досега во земјата биле тестирани 87.950, лица а вирусот бил потврден кај 7.091 лице. Бројот на починати од почетокот на епидемијата изнесува 164 лица.

Во Србија последните денови е забележан пад на бројот на новозаразени со коронавирусот и од 7.168 тестирани лица 258 биле позитивни. Во последното деноноќие починале осум лица, а вкупниот број на починати достигна 598. Активноста на вирусот на територијата на Белград, кој беше и главно епидемиолошко жариште, се намалува, но епидемиолозите предупредуваат дека состојбата сѐ уште е несигурна. Епидемиолошката слика во Војводина и натаму е неповолна, затоа што има ширење на вирусот во сите општини во оваа српска покраина.

Во изминатите 24 часа во Хрватска има 34 нови случаи на заразени од вирусот САРС -КоВ-2, а вкупниот број на активни случаи изнесува 703, информираа од Националниот штаб на цивилна заштита. Од нив, 130 пациенти се на болничко лекување, а четири лица починале. Од 25 февруари 2020 година, од првиот случај на заразен од коронавирус, во Хрватска се регистрирани вкупно 5.294 лица, од нив 153 починале, а 4.438 оздравеле.

Вкупната бројка на починати од почетокот на епидемијата во Македонија достигна до 500. Во текот на неделата биле регистрирани 74 случаи, од тестирани 689 примероци. Досега коронавирус бил потврден кај 11.128 лица, од нив 6.972 се излечени, а активни случаи се 3.656. Во Македонија биле тестирани 106.047 лица.