Мигранти што немаат никаков статус во Турција, во колони се движат кон Грција и Бугарија во обид да ја напуштат провинцијата Едирне, која се граничи со овие две земји. Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, изјави дека станува збор за 100.000 мигранти. Овие мигранти ги користат сите можни приоди кон границите со Европа, по копнен и по морски пат, се движат низ планини, покрај реки, по патишта. Ова беше причина за зголемување на степенот на заштита на границите во сите земји од Западен Балкан.
Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, бара вонреден состанок на Советот на министрите за надворешни работи на Унијата поради ситуацијата со мигрантите и бегалците, која настана како резултат на тоа што Турција одлучи да ги отвори границите, а со тоа и нивниот пат кон европските земји. Грчките медиуми јавуваат дека Дендиас го побарал тоа од високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.

Грција: Закана за националната безбедност

Десет илјади мигранти во последните 24 часа се обиделе да ја преминат турско-грчката граница, а полицијата уапсила 73 лица. Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас, изјави дека состојбата е сериозна и претставува закана за националната безбедност на Грција. Грчката полиција пукаше со солзавец за да ги растера мигрантите што фрлаа камења кон нив на границата во северниот регион Еврос, изјавија очевидци за Ројтерс.
– Последните денови Грција е под притисок поради организирано, масовно, координирано движење на лица што се упатуваат кон нашите копнени и морски граници. Овие движења се насочени и координирани од Турција – рече Пецас.
Тој изјави дека националниот совет за безбедност донел повеќе одлуки, како прва мерка е источната копнена и морска граница да ја бранат воените и безбедносните сили во најголем можен број. Грчките власти привремено го суспендираа приемот на барања за визи во период од еден месец, а тоа се однесува за сите лица што илегално ќе ја преминат границата на Грција. Како трета мерка е мигрантите што илегално ќе влезат во земјата да се вратат од земјата од каде што пристигнале.
Тензиите се особено нагласени на островот Лезбос, каде што локалното население спречува мигрантите да пристигнат на копното со бродови. Повеќе од 500 мигранти успеале да стапнат на три острови – Лезбос, Ниос и Самос, кои се во близината на турскиот брег.

БиХ: Недостигаат 1.000 граничари

Властите на Босна и Херцеговина најавија распоредување на поголем број гранични полицајци на својата источна граница кон Србија и Црна Гора. Моментално на граничната полиција ѝ помагаат и припадниците на Управата за координација на полициските тела на БиХ, Државната агенција за истрага и заштита (СИПА), како и Министерството за внатрешни работи на српскиот ентитет Република Српска. Според процените на граничната полиција на БиХ, недостигаат околу 1.000 полицајци, кои се потребни за ефикасен надзор на границата.

Словенија: Подготвени за новиот мигрантски бран

Словенија се подготвува за справувањето со евентуален нов мигрантски бран. Веста за повторното отворање на турската граница за мигрантите и бегалците и притисокот врз Грција е повод за поголема будност на властите во Љубљана. Министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар изјави дека Владата веќе има изработено детален план за заштита на државните граници.
– Словенечката полиција е подготвена за нов мигрантски бран, кој евентуално би дошол по западнобалканската бегалска маршрута. Подготвеноста е утврдена со планот и Словенија е подготвена да се справи со евентуалните предизвици – изјави Поклукар.
Од словенечката полиција информираат дека моментално ситуацијата на јужната граница е редовна и нема зголемен број обиди за нелегални преминувања. Дополнително, како што велат од Министерството, полицијата сега е подобро подготвена и опремена во споредба со 2015 години, кога беше првиот голем мигрантски бран.

Хрватска: Координирани акции со ЕУ

Хрватската полиција ефикасно ја штити хрватската граница, а изминативе денови нема видливо зголемување на движењата на мигрантите преку источномедитеранската и западнобалканската маршрута, ни преку границата со Србија. Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ, вели дека се одржуваат постојани врски со европските институции, кои дејствуваат во две насоки: преку дипломатски пат за смирување на состојбата во Идлиб, во Сирија, а вториот начин е хуманитарно дејствување.
Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска, која претседава со Европската Унија, изјави дека политиката на грчката влада е да не ги пропушта мигрантите што поминуваат на незаконски начин, а ЕУ ќе ѝ помага за заштита на надворешните граници, односно на грчката и на бугарската граница.
Хрватската граница ја чува полицијата, но доколку дојде до ескалација на состојбата можно е да се вклучи и војската, изјави Пленковиќ.

Бугарија: На границата со Турција нулта миграција

Нулта миграција во моментов на нашата граница. Ништо не се разликува од пред една, две, три години. Бугарските граѓани да бидат уверени дека нашите морнари и граничари се на своите позиции, изјави во неделата бугарскиот премиер Бојко Борисов за ситуацијата со мигрантите од Турција. Тој тврди дека не постои закана за Бугарија од нов миграциски бран, јави БГНЕС.
Борисов за вчера најави средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со кого ќе разговара за неговите услови за долгорочно решавање на мигрантската криза, односно за враќање на мигрантите во Сирија. Тој истакна дека најдоцна до среда или четврток, треба да ѝ се обезбедат на Турција потребните ресурси за да може повторно да се грижи за бегалците.