Хрватските судови донесоа одлука со која им се штитат правата на граѓаните што подигнале кредити во швајцарски франци, кои многумина доведоа во лоша финансиска состојба

По девет години од поднесувањето на колективната тужба, хрватските судови донесоа конечна пресуда за швајцарските кредити. Уставниот суд на Хрватска минатата среда ја одби тужбата на седум комерцијални банки против одлуката на Трговскиот суд во Загреб – за тоа дека овие кредити се нечесни. Одлуката беше потврдена и во ревизијата на Врховниот суд на Хрватска. Со ова се затвора случајот со швајцарските кредити што беа одобрувани од комерцијалните банки со девизна клаузула во швајцарски франци, а чија вредност драстично порасна и предизвика зголемување на кредитната маса, како и на висината на каматите и поединечните рати. Тоа стави многу граѓани во Хрватска во големи финансиски проблеми. Со одлуката на судот околу 125 илјади лица во Хрватска имаат право на поврат на премногу исплатените пари. Околу 55 илјади граѓани ги конвертираа своите кредитни обврски во други валути.
– Втората група на граѓани што е поголема и која има 70.000 не ги конвертираше кредитите и има стопроцентно право да си ги врати преплатените ануитети и затезните камати. Тие граѓани имаат право да добијат назад меѓу 50 и 80 отсто од реализираниот кредит – вели Горан Алексиќ, претседателот на здружението „Франак“, кое ги обединува граѓаните корисници на швајцарски кредити.

Алексиќ, во изјава за Радио Слободна Европа, појасни дека се случиле неколку самоубиства од корисниците на овие кредити, а млади лица починале поради стрес или биле принудени на продажба на друг имот за да се исплатат овие кредити, но и на присилно заминување на печалба за да се исплатат земените кредити во швајцарски франци.
– Имаше случаи кога трошоците пораснаа за 100 отсто. За мојот кредит ратата порасна од 1.800 на 3.300 франци во најлошиот период. Пропаѓаат бракови кога луѓето немаат за основни животни потреби, растат меѓусебните расправии – вели Алексиќ.
Претседателот на Хрватското здружение на банки, Зденко Адорвиќ, во изјава за новинарите рече дека одлуката на Уставниот суд не произвела никакво дополнително право за корисниците на овие кредити, а комерцијалните банки своето право ќе го штитат пред европските институции.

– Судот на Европската Унија го следи целиот случај, поради тоа што Врховниот суд бараше објаснување за некои прашања. Европскиот суд ќе се изјасни за една година – вели Адровиќ.
Здружението „Франак“ во 2011 година тужеше седум најголеми хрватски банки поради „нечесна промена на валутната клаузула и самоволно менување на каматните стапки“. Две години подоцна беше изречена првата пресуда на загрепскиот Трговски суд, кој заклучи дека валутните клаузули и променливите каматни стапки се штетни.