Се проценува дека од 2,5 милиони возила во Србија повеќе од 100 илјади нема да ги поминат новите правила за регистрација поради проблеми со издувните гасови

Сопствениците на возила што испуштаат издувни гасови над дозволените граници или се без катализатори или ДПФ-филтри не ќе можат да ги поминат строгите правила за регистрација што се пропишани во Србија и кои ќе се применуваат од петти јули годинава. Како новина се воведува задолжителното фотографирање на возилото од страна на контролорите во станиците за технички прегледи. Меѓу ограничувањата се и отстранување на затемнетите стакла и на неатестираните куки за влечење приколки и користењето на ксенон-светлата.
Претседателот на Националната асоцијација за технички прегледи, Владимир Маринковиќ, вели дека во незавидна состојба ќе бидат ставени сопствениците на возила што ги симнувале катализаторите.
– Ова се третира како неовластено преправање на возилата. Тоа што се бара е возилата да ги исполнуваат производните норми. Секое возило има различни норми. За „југо“ важат истите норми за издувни гасови како кон крајот на 1980-тите години, а тоа е 4,5 проценти на јаглерод-моноксид во издувните гасови. Исто така и возилата со еуро два, како и еуро три… имаат свои норми – вели Маринковиќ.

Тој објаснува дека возачите немаат еколошки и економски ефекти за симнување на катализаторите. Симнувањето на катализаторите е поевтино од набавка на нови, чие вградување чини околу 90 евра. Но без нив возилото повеќе троши гориво, но и се нарушува односот на мешање на горивата, што е причина и за поголемо загадување. Истото се случува и со отстранување на ДПФ-филтрите, а некои од половните возила од странство се увезуваат и без овој дел. Во него има вредни материјали, што може да се продаде како секундарна суровина.
Се проценува дека од 2,5 милиони возила во Србија повеќе од 100 илјади нема да ги поминат новите правила за регистрација поради проблеми со издувните гасови. Заради спроведување на новите одредби, на станиците за технички преглед им беше даден преоден рок од три години. Доколку не го направат тоа до петти јули, тие ќе бидат затворени за работа.