Паралелно со намалувањето на мерките за ограничено движење во земјите од регионот, расте и незадоволството на граѓаните, кои со различни поводи и причини организираат протести. Деновиве јавни собирања имаше во Србија, каде што политичката дебата се префрли на улиците со почетокот на предизборната кампања, а тензијата е највисока меѓу политичките партии. Прексиноќа црногорската полиција ги приведе епископот на Српската православна црква (СПЦ), Јоаникиј, и уште седум свештеници за организирање литија во Никшиќ, со што ја прекршиле владината забрана за организирање масовни собири поради епидемијата на коронавирусот.
Митрополитот на СПЦ Амфилохиј и Јоаникиј ја предводеле традиционалната литија по улиците на Никшиќ по повод Денот на свети Василиј Острошки, во која учествувале илјадници граѓани. Според Амфилохиј, молитвата требало да се одржи во црква, но „кога виделе колку верници се собрале, решиле да не се откажат од прошетката“.
– Со овој верски собир, Српската православна црква ја прекрши одредбата за забрана на организирање собири и за тоа ќе има одговорност и последици – изјави директорот на црногорската полиција Веселин Вељовиќ.
Активисти на Движењето самоопределување на вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, во вторникот попладне протестираа во Приштина, како „проба за протести“ во случај другите косовски парламентарни партии да формираат нова влада. Новата влада треба да ја формира коалиција предводена од Демократскиот сојуз на Косово и неговиот кандидат за премиер, Авдулах Хоти. Партијата на Курти, чија влада беше урната од Собранието на Косово на 25 март, тврди дека нова влада може да се формира единствено по вонредни парламентарни избори, кои би се одржале откако ќе помине кризата со пандемијата на ковид-19.
Протестно собирање, додека траат препораките за избегнување масовни собири, е најавено за сабота и во Сараево, каде што ќе се одржи миса за убиените во Блејбург, меѓу кои имаше и припадници и поддржувачи на НДХ. Од надлежните полициски служби од кантонот Сараево изјавија дека ниедна организација нема поднесено официјално барање за одржување на протестот. Сепак, најавуваат дека нема да биде дозволено јавно собирање поради забраната од федералниот штаб за справување со епидемијата.
Во серијата протести на балканскиот простор ќе влезе и Македонија. На социјалните медиуми за 16 мај во Скопје се најавува организирање протест против воведување на 5Г, вакцините и полицискиот час поради коронавирусот. Министерот за здравство Венко Филипче изрази надеж дека организаторите на протестот ќе се премислат и ќе го одложат, во време кога епидемијата во земјата спласнува.