Иако новиот американски пристап го зголемува учеството на Вашингтон во израелското носење одлуки само неколку недели пред претседателските избори во САД, не е јасно дали ќе помогне да се постигнат целите на претседателот Џо Бајден, вклучувајќи и спречување поширок регионален конфликт на Блискиот Исток, како и принудување на Израел да се справи со сè полошата хуманитарна ситуација во Газа, велат експертите
Противречен потег на американскиот претседател во обид за спречување поширок конфликт на Блискиот Исток
Во последните месеци на функцијата, американскиот претседател Џо Бајден сигнализира обновена подготвеност да понуди американска воена помош за Израел, што би претставувала „и морков и стап“, со цел да се влијае на конфронтацијата со Иран и милитантните групи поддржани од Иран, објавува „Ројтерс“.
Но иако пристапот го зголемува учеството на Вашингтон во израелското носење одлуки само неколку недели пред претседателските избори во САД, не е јасно дали ќе помогне да се постигнат целите на Бајден, вклучувајќи и спречување поширок регионален конфликт, како и принудување на Израел да се справи со сè полошата хуманитарна ситуација во Газа, велат експертите.
Испратена помош, но и предупредување до Израел
Администрацијата на Бајден во неделата објави дека ќе испрати околу сто војници во Израел заедно со напреден американски противракетен систем, во ситуација додека владата на израелскиот премиерот Бенјамин Нетанјаху ја разгледува можноста за одмазднички напад врз Иран како одговор на иранскиот ракетен напад врз Израел од 1 октомври.
Администрацијата на Бајден исто така во неделата му достави на Израел писмо во кое предупредува дека мора да преземе чекори во следниот месец за да ја подобри хуманитарната ситуација во Газа или да се соочи со потенцијални ограничувања за воената помош од САД.
Американски официјални лица велат дека навидум спротивставените потези се вклопуваат во долгогодишните политики што имаат за цел да ја обезбедат одбраната на Израел и се залагаат за заштита на цивилите во едногодишната војна во Газа.
Но сегашните и поранешните функционери приватно признаваат дека тие потези се пресвртница што ја зголемуваат вклученоста на САД во израелската стратегија, дури и кога Бајден е во заминување од функцијата.
Израел често се спротивставуваше на американските совети и предизвика политички тешкотии за администрацијата на Бајден, која се соочува со притисок од некои либерални активисти во Демократската партија за да го искористи влијанието за зауздување на Израел.
Арон Дејвид Милер, висок соработник во фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“, вели дека пристапот со „морков и стап“ на администрацијата на Бајден „имплицира дека администрацијата на Бајден јасно размислува и дејствува во време кога можеби и не мислите дека е толку активна“.
Но тој предупреди дека Вашингтон веројатно нема да ја намали својата воена поддршка за Израел доколку конфликтот со Иран се продлабочи.
Ултиматумот на Бајден сериозно сфатен од израелските власти
Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, им рече на новинарите во вторникот дека писмото не е „наменето како закана“, но се чини оти Израелците сериозно го сфаќаат.
Израел во средата соопшти дека 50 камиони со помош биле префрлени во северна Газа од Јордан, што се смета за можен резултат на американските барања.
Администрацијата на Бајден во април побара подобра заштита за цивилите и за хуманитарните работници во Газа, што американските официјални лица велат дека предизвикало привремен пораст на приливот на помош во Палестина.
Но писмото од неделата се чинеше дека е најјасниот ултиматум до владата на Нетанјаху од почетокот на конфликтот во Газа, во кој се наведени конкретните чекори што Израел мора да ги преземе во рок од 30 дена, вклучувајќи и овозможување дневен влез во Газа од барем 350 камиони со хуманитарна помош.
Според израелските податоци, Бајден ѝ даде приоритет на одбраната на Израел по нападот на Хамас од 7 октомври минатата година. Тој одби да го запре протокот на оружје во Израел, освен тешките бомби, и покрај негодувањето на дел од сопартијците демократи поради многубројните жртви во Газа откако изби војната.
Блискиот Исток е на работ на поширок конфликт додека го чека одговорот од Израел на ракетниот напад што Техеран го изврши како одмазда за израелската воена ескалација во Либан. Бајден се спротивстави на каков било израелски напад врз иранските нуклеарни локации и изрази загриженост за напад врз енергетски локации. Р.С.