Фото: Маја Јаневска-Илиева

Отсекогаш постоел натпревар на големите сили во различни области низ годините, дали тоа било вооружувањето, кој прв ќе стапне во вселената или кој прв ќе најде лек за болестите. Денес тоа се повторува со предизвикот која нација прва ќе ја пронајде вакцината за коронавирусот

Нов предизвик за светските сили во вечната битка за доминација

Светските сили секогаш се натпреварувале да бидат први во наоѓањето решение за некој глобален проблем, со што тие останувале запаметени во историјата. Тоа важи за трката за освојување на вселената, нуклеарното вооружување, развојот на нови технологии и за други клучни области, а таков е случајот и со пандемијата на ковид-19, при што силите се обидуваат што побрзо да најдат вакцина што ќе го спаси човештвото од смртоносниот коронавирус.

Русија објави дека вакцина против коронавирусот може да биде регистрирана уште во август. Од Амбасадата на Руската Федерација во Скопје велат дека постапката за вакцинација на населението против коронавирус во Русија ќе се утврди веднаш откако ќе биде пронајдена самата вакцина, на што во моментот се насочени основните напори на земјата.
– Руските научници развиваат девет вакцини против коронавирус. Меѓу нив се шест лека на кои се работи во новосибирскиот државен истражувачки центар за вирологија и биотехнологија „Вектор“, една вакцина е од санктпетербуршкиот Научноистражувачки институт за вакцини и серуми и две вакцини се од компанијата БИОКАД од Санкт Петербург и Москва. Сите се вклучени во списокот за претклиничко испитување. Во април, Светската здравствена организација (СЗО) ги стави на списокот со потенцијални вакцини.

Се планира дека за еден месец ќе почнат клинички испитувања (кај волонтери), а веќе во август-септември вакцината ќе биде регистрирана. Се претпоставува дека против коронавирусот први ќе се вакцинираат лекарите и работниците, кои се во контакт со голем број пациенти заразени со ковид-19 – велат од Амбасадата.
Таков став деновиве изнесе и директорот на рускиот Национален истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија, Александар Гунцбург.
– Верувам дека вакцината ќе биде регистрирана до август. Се надевам дека сè ќе оди според планираното и нема да има изненадувања – рече тој.
Развојот на вакцината е во фаза на претклинички испитувања и тие може да траат уште еден месец. Во оваа фаза се утврдуваат токсичноста, реактогеноста и други критериуми, врз чија основа ќе биде можно да се започне со тестирање на вакцината кај луѓето – посочува Тасс.

Вакцината, според Гунцбург, ќе се администрира на десното рамо, но нема да можат сите Руси да ја примат во исто време, а Министерството за здравство веќе разгледува како најефикасно да се спроведе тоа и како да се зголеми производството на вакцини.
Во меѓувреме, и САД се обидуваат што побрзо да откријат вакцина, а претседателот Доналд Трамп деновиве објави сеопфатен план, кој е соодветно наречен „Операција ворп-брзина“. Тој рече дека овој план е најголем досега уште од проектот „Менхетн“ во Втората светска војна за развој на атомска бомба.
Американската компанија „Модерна“ вчера објави дека анализите кај осум волонтери во тестирањата за вакцина против ковид-19 дале позитивни резултати. Анализите сугерираат дека вакцината е безбедна за луѓето. Тие се дел од првичните тестирања на вакцината на 45 лица што ги спроведува „Модерна“.

Резултатите се од прелиминарна студија за безбедност и не демонстрираат дека третманот ќе функционира, посочува „Гардијан“, нагласувајќи дека тие сепак се охрабрувачки чекор напред во обидот да ѝ се стави крај на пандемијата, за кој експертите велат дека не може да се спроведе без да се открие вакцина.
Но Американците не чекаат само на своите компании да развијат вакцина. Француски медиуми објавија дека Трамп убедил француска компанија што развива вакцина против ковид-19 дека САД треба први да ја добијат вакцината. Директорот на компанијата „Санофи“, Пол Хадсон, изјави дека САД имаат право први да купат најголеми количества од вакцината штом таа ќе биде произведена, зашто во февруари вложиле големи суми во истражувањето на вакцината.

Официјален Париз смета дека таквите планови се неприфатливи и дека ниту една земја не смее да биде повластена. По бурните реакции, од „Санофи“ рекоа дека вакцината истовремено ќе биде достапна и во Европа и во САД. Компанијата најави тестирање на луѓе во втората половина од годината.
Претходно, германските медиуми објавија дека Трамп се обидел да купи ексклузивно право и од германска компанија, на што бурно реагираше и тамошната јавност.
На развој на вакцини против ковид-19 забрзано работи и Кина, а здравствени експерти велат дека таа во моментот има пет потенцијални вакцини во фаза на тестирање на луѓе. Кинескиот претседател Си Џинпинг на заседанието на Светското здравствено собрание порача оти кога Кина ќе развие вакцина против ковид-19, таа ќе биде универзално достапна за светот.

Во меѓувреме, кинеска лабораторија при Универзитетот во Пекинг објави дека развива лек за кој верува дека ќе ја запре пандемијата дури и без вакцина. Истражувачите за АФП велат дека лекот со антитела има потенцијал да го скрати времето на заздравување кај заразените, па дури и да обезбеди краткорочен имунитет од вирусот.
Податоците на СЗО велат оти во моментот во светот има над 70 претенденти за развој на вакцини против коронавирусот, што значи дека трката на големите сили за спас на човештвото од пандемијата на ковид-19 е во полн ек.