Откако периодов В. Британија, Франција и Германија воведоа строги карантински мерки поради растечкиот број на нови случаи од коронавирусот и неможноста на здравствените системи да ги згрижат сите нови пациенти на кои им треба болничка нега, и другите европски земји се одлучија на нови мерки со кои ќе им се ограничи движењето на граѓаните

Какви рестриктивни мерки се во сила во Европа

Повеќе земји во Европа повторно воведуваат рестриктивни мерки во обид да го го запрат ширењето на коронавирусот. За разлика од времето на првите инфекции од ковид-19, кои се случија некаде во март на почетокот на годинава, а државите беа поделени во однос на одлуките за справување со пандемијата, сега европските земји се единствени за прашањето дали граѓаните треба да носат маски и заштитна опрема за да се заштитат од коронавирусот. Проблемот со неконтролираното ширење на опасната инфлуенца не само што ги обедини земјите од Европа во налет на вториот бран од пандемијата некои од нив дури воведоа и строги ограничувања на движењето, како што е најава по СМС до полицијата кога граѓаните ќе смеат да излезат од своите домови. Според она што го пишуваат западните медиуми, Велика Британија, Франција и Шпанија предничат во однос на ограничувањата и мерките што нивните влади периодов ги воведоа со намера да го заштитат тамошното население.

Целосен карантин за В. Британија

Во меѓувреме откако минатиот месец се спротивстави на притисокот за повторно воведување карантин на национално ниво, британскиот премиер Борис Џонсон пред една недела објави дека нови рестриктивни мерки во Англија ќе бидат воведени дефинитивно, а истите тие ќе траат до 2 декември. Велика Британија, која има најголем број смртни случаи од ковид-19 во Европа, се бори со повеќе од 20.000 нови случаи на ден, а научниците предупредуваат дека најлошото сценарио може да се случи оваа зима, односно бројот на смртни случаи да надмине 80.000, јавува Би-би-си. Според новите мерки, во земјата продавниците што продаваат основна стока, училишта и колеџите ќе продолжат да работат, но пабовите и рестораните ќе бидат затворени, освен за испораки.

Франција во втора блокада, дозволено само во продавница и на лекар

Во Франција има втор карантин во кој луѓето смеат да излезат од дома само за на работа, да пазаруваат, да одат на доктор или да вежбаат еден час во денот. За секое друго излегување мора да се поседува писмена потврда. Затворени се несуштинските продавници и угостителските објекти, а отворени се училиштата и градинките. Забранети се собири, а правилата ќе важат до 1 декември. Постои шанса во Париз и околината да биде вратен полицискиот час од 21 часот.

Драстични мерки во Германија

Во исто време, како што наведува Би-би-си, во Германија новите рестрикции, кои ќе важат до 30 ноември, вклучуваат затворање на кината, театрите, вежбалниците, базените, сауните и угостителските објекти, освен за достава. Се ограничуваат социјалните контакти на две домаќинства со максимум 10 лица. Големите настани се откажани, нема публика на спортските натпревари, не се препорачуваат несуштински патувања и престои во хотели. Продавниците и фризерниците остануваат отворени со строги хигиенски протоколи. Забранети се протести и богослужби. Канцеларката Ангела Меркел нагласи дека Владата е свесна дека бара многу од народот, но дека мора да дејствува веднаш.
– Нашиот здравствен систем денес може да се справи со овој предизвик. Но ако продолжи со ова темпо, ќе ја достигнеме границата за неколку недели. Затоа се неопходни овие остри мерки – рече Меркел. Целта е да се намали бројот на нови инфекции до Божиќ, и притоа економијата да функционира, а училиштата и градинките остануваат отворени.

Италија воведе полициски час

Италија слично како и во Франција воведе полициски час на целата територија од 21 часот навечер до утро, објави телевизијата Скај ТГ 24 повикувајќи се на изјава од заменик-министерката за труд Франческа Пуљези. Одлуката е донесена на состанок на владата на премиерот Џузепе Конте, а ќе важи на целата национална територија. Новата мерка, која премиерот ја образложи минатата недела, предвидува забрана за интеррегионално движење, а сите оние што мораат, од која било причина да патуваат или да бидат на улица по полицискиот час, мора да имаат лична потврда за оправданоста да бидат надвор од куќата. Исто така новата мерка предвидува намалување на градскиот сообраќај за 50 отсто, затворање на шопинг-центрите во викендите, затворање на музеите, баровите, салите за видеоигри и изложбите. Забранети се собири за венчавки, крштевки и погреби, а маските се задолжителни на отворено и затворено, освен во приватни домови.

Вонредна состојба во Шпанија

Владата на Шпанија минатата недела прогласи вонредна состојба во земјата поради коронавирусот и воведе полициски час од 23 до 6 часот наутро.
За да се спречи ширењето на ковид-19, Советот на министри, предводен од премиерот Педро Санчез, донесе одлука за воведување втора вонредна состојба во земјата од почетокот на годината. Првата траеше од март до јуни, а втората може да трае до април 2021 година.Дозволено е само движење до работа, аптека и нега за постарите или децата. Јавните и приватните собири се ограничени на шест лица. Носењето маски е задолжително за сите на возраст над шест години во јавниот превоз и во затворени простории. Во повеќето шпански региони дури е задолжително и носење маска надвор.

Скандинавските земји отпорни на ковид-19?

Од друга страна, пак, некои скандинавски земји како Шведска, но и дел од западноевропски земји, како што се Холандија и Белгија на пример, деновиве ги отфрлија препораките за задолжително носење маски и заштитна опрема против ковид-19 на јавните места. Владите на овие земји ваквиот смел чекор го оправдуваат со образложението дека ефикасноста на маските не е докажана. Сепак, во Белгија групните собири се ограничени на четири лица, затворени се спортските, културните и рекреативните објекти, а откажани се божиќните панаѓури и фестивалите. Спортските натпревари во земјата се одвиваат без публика. За разлика од неа, во Шведска нема карантин, но повеќето го почитуваат доброволното дистанцирање и претпочитаат работење од дома. Построги мерки се воведоа во Стокхолм, Гетеборг и во Малме, како што се избегнување на користењето јавен превоз, несуштински бизниси, трговски центри, спортски објекти, музеи и концерти, како и директен контакт со лица од други домаќинства. Маски не се препорачуваат.