Русија можеби се подготвува да воспостави долгорочно безбедносно присуство во соседна Белорусија под оправдување за стабилизација на државата во која владеат немири, со потег кој ги загрижува САД и нивните сојузници во регионот, објавува „Њузвик“ повикувајќи се на извори во американската власт.

Соочувајќи се со масовни протести по претседателските избори за кои постои сомнеж дека се фалсификувани и обвинувањата од опозицијата и од Западот, белорускиот претседател Александар Лукашенко се консултираше со рускиот колега Владимир Путин за помош при враќање на редот во државата, која се граничи со Русија, како и со три членки на НАТО – Летонија, Литванија и со Полска. Москва внимателно ја следи ситуацијата, со што еден висок претсавник на американското разузнавање за „Њузвик“ ги изнесе мислењата за потенцијална руска интевенција во Белорусија.

– Белорусија не е членка на НАТО, па Алијансата нема авторитет за да реагира. Можно е и користење на дезинформации од Русија за обвинување на Западот за немирите. Планетите се наредени. Најдобар тајминг за воспоставување на „ред“ е кога општеството е во хаос, особено во време на вакуумот на моќта – вели изворот на американскиот магазин, додавајќи дека воената подготвеност низ светот е намалена поради пандемијат.

Претставник на Пентагон кој не сакал да биде именуван ги споделил истите ставови за „Њузвик“.

– Додека руската војска моментно е со одредена намалена подготвеност, тие демонстрираа преку вежби, од кои дел се во тек, дека нивните капацитети остануваат ефективни и подготвени – вели тој, истакнувајќи дека Русија би можела да испрати безбедносни сили за обезбедување на клучните инфраструктурни објекти во Белорусија.

Путин во телефонски разговор веќе го информирал Лукашенко за „подготвеноста на Русија да пружи потребна помош за справување на предизвиците со кои се соочува Белорусија, доколку биде потребно“, преку Организацијата на договорот на колективна безбедност чии се членки, заедно со Ерменија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.

Русија претходно се вмеша за да ги брани Абхазија и Јужна Осетија од Грузија, како и сепаратистичката Транснистрија, која се наоѓа помеѓу Украина и Молдавија. Во случајот на Белорусија, пак, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, истакна дека е „убеден оти белорускиот народ ќе пронајде мудрост за сам да ја реши сегашната ситуација“. Кремљ исто така порача оти „нема потреба“ за директна руска помош, според изјавите на портпаролот Дмитриј Песков за руската агенција „ТАСС“.

Но одредени познавачи на состојбите остануваат скептични поради заканата од приклучување на уште една држава во НАТО и од дополнителното навлегување на оружјето на Алијансата во источниот блок.

– Земајќи предвид кој е влогот во Белорусија за Русија, Путин веќе морал да преземе иницијални чекори за да ја задржи руската интервенција надвор од воените рамки, а сепак да подготви услови за евентуална целосна воена интервенција – заклучува Даг Вајс, поранешниот член на ЦИА.