Москва се надева дека транскриптите од разговорите меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп нема да бидат објавени, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Секако, оваа форма на објавување е невообичаена практика – рече Песков, коментирајќи го објавувањето на транскриптот од телефонскиот разговор меѓу Трамп и украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Тој објасни дека ваквите разговори меѓу шефовите на држави, по правило, се доверливи или многу доверливи.
– Тоа е стандардна практика ширум светот и обично овој разговор не се објавува – рече Песков.
Според него, во случајот со Украина, објавувањето на записот е направено со заемна согласност, пренесува ТАСС.
– Секако, би сакале да се надеваме дека во нашите билатерални односи, кои веќе имаат доволно сериозни проблеми, нема да дојде до ваква ситуација – рече портпаролот на Кремљ.
На прашањето дали Москва ќе дозволи да се објават транскриптите од разговорите на Путин и Трамп, Песков рече дека нема универзален одговор, но дека секој случај треба да се разгледува одделно.
– Никој не ни се обратил со такво барање – додаде тој.