Сеул – Јужна Кореја стравува од втор бран на ковид-19, по појавата на нови случаи на коронавирусот, што ги принуди властите одново да ги затворат баровите и клубовите во главниот град, во момент кога земјата полека почна да ги ублажува карантинските мерки. Јужна Кореја вчера објави 34 нови случаи на ковид-19, што претставува најголем дневен пораст за еден месец, со што вкупниот број на инфекции достигна 10.874. Новите случаи се поврзани со 29-годишен маж, кој посетил повеќе барови и ресторани во Сеул и сега властите се обидуваат да лоцираат и да тестираат околу 1.500 луѓе што ги посетиле истите места. Јужна Кореја реагираше брзо за да го стави под контрола првичното избивање на епидемијата и се посочуваше како успешна приказна поради нејзината стратегија на масовно тестирање и запирање на ширењето на вирусот.

Њујорк – Бројот на потврдени случаи на ковид-19 надмина четири милиони, според податоците собрани од универзитетот „Џонс Хопкинс“. Глобалниот број на смртни случаи надмина 277.000. САД остануваат најтешко погодени, со над една четвртина од потврдените случаи и со една третина од смртните случаи. Експертите предупредуваат дека вистинскиот број на инфекции, најверојатно, е далеку поголем поради малиот обем на тестирање во многу земји.

Вашингтон – Бившиот американски претседател Барак Обама жестоко го критикуваше својот наследник Доналд Трамп за начинот на справување со пандемијата на коронавирусот, за кој рече дека претставува „апсолутна хаотична катастрофа“. Тој истовремено ги повика своите бивши соработници да се приклучат кон изборниот тим на демократскиот претседателски кандидат и бивш потпретседател на САД, Џо Бајден. Белата куќа, пак, ја бранеше стратегијата на Трамп, велејќи дека таа „спасува американски животи“.

Вашингтон – Тројца членови на работната група на Белата куќа за справување со ковид-19 мораа да се самоизолираат поради можна изложеност на вирусот. Меѓу нив е и главниот доктор во справувањето со пандемијата во САД, Ентони Фаучи. Истовремено, медиумите ги засилија шпекулациите од можноста за ширење на вирусот во Белата куќа откако Кејти Милер, портпаролка на потпретседателот Мајк Пенс, била тестирана позитивна на ковид-19. Инаку таа е сопруга на советникот на Трамп, Стивен Милер, кој е често во контакт со претседателот на САД, како и со Џаред Кушнер и со Иванка Трамп.