Крлежите пренесуваат и други болести, освен лајмската

Во Македонија досега не е изолирана бактерија од крлеж, а во соседна Србија, при мониторинг на неколку излетнички места, е утврдено дека од 10 до 50 отсто од крлежите се заразени со бактерија што предизвикува лајмска болест

БЛАГИТЕ ЗИМИ ГО ЗГОЛЕМУВААТ БРОЈОТ НА ИНСЕКТИ ШТЕТНИ ПО ЗДРАВЈЕТО НА ГРАЃАНИТЕ

Овие денови се актуелни оси, мали стршни, а секако ова е време и кога се појавуваат крлежите, кои ги има најмногу на излетничките места. За разлика од кај нас, во соседна Србија, на повеќе од 20 локации на територија на Белград, при мониторинг во април е утврдено дека од 10 до 50 отсто од крлежите се заразени со бактерија што предизвикува лајмска болест. Првиот стадиум на болеста трае со седмици, вториот се манифестира со невролошки и срцеви нарушувања и трае со месеци, додека третиот стадиум има зглобни манифестации и трае со години.
Во Македонија досега не е изолирана бактерија од заразен крлеж. Познавачите сепак велат дека крлежите пренесуваат и други болести, освен лајмската.

– Многу малку има пријавено случаи кај нас со лајмска болест. За тоа известуваат Клиниката за инфективни болести или Центарот за епидемиологија при Институтот за јавно здравје. Испитувавме кај кучиња, но сите што ги испитавме беа негативни. Ако крлежите ја носеле бактеријата, кучињата ќе беа заразени – вели проф. д-р Јована Стефановска од Факултетот за ветеринарна медицина, која ги предава предметите Микробиологија и Паразитологија.
Пред неколку години, здравствените експерти подготвиле прирачник за здравствените работници, за поврзаноста на климатските промени и инфективните заболувања. Во него стои дека благите зими можат да го зголемат изобилството на крлежи и да го зголемат ризикот од инфекции.

„На местото на каснувањето се јавува макула, која се шири кон надвор создавајќи прстенеста лезија со бледило внатре. Ваквата формација е најчесто локализирана во пределот на бутините и слабината. Првиот стадиум започнува по инкубација од 3 до 32 дена. Ова е акутна инфективна болест предизвикана од спирохета/борелија, пренесена од крлеж, која е придружена со симптоми на грип или менингитис“, наведено е во прирачникот.
Како што информира д-р Иван Алексиќ од Заводот за биоциди и медицинска екологија во Србија, заразените крлежи се откриени на излетнички места.

– До 48 часа нема опасност крлежот да ја пренесе бактеријата што предизвикува лајмска болест, но најдобро е тој да се извади во здравствена установа. Ако ве касне крлеж, не треба да земате антибиотик на своја рака. За домашните миленици постојат голем број препарати со кои тие се штитат, од хемиски средства до оние во вид на ланчиња што се носат околу врат или пак, оние што директно се нанесуваат на кожата или се внесуваат низ храна при што штитат и од комарци и болви. Бидејќи сега се актуелни оси, мали стршни, а матиците основаат колонии, но и комарците ќе почнат да се појавуваат во поголем број, ќе се следи распространетоста на комарците заразени со вирусот западен нил – вели докторот.

Во прирачникот за нашите здравствени работници стои дека ако дошло до убод, отстранувањето на крлежите за време од 24 часа значително го намалува ризикот од инфицирање со лајмска борелиоза (Lyme Borreliosis) и енцефалитис предизвикан од каснување од крлеж.
„Ако дошло до убод, отстранувањето на крлежот од кожата треба да се направи без негово гмечење и кинење на парчиња. Пред вадење на крлежот не треба да се ставаат никакви хемиски средства (етер, алкохол, бензин, масла). Крлежот се отстранува со пинцета, со фаќање на рилката на крлежот (усниот апарат), што поблиску до кожата, а по извлекување на крлежот, местото треба да се дезинфицира. Доколку сами го отстранувате крлежот и тоа неуспешно и дел од рилката заостанал во кожата, задолжително треба да се јавите на доктор“, стои во прирачникот.


Како да се заштитите од инсекти и од крлежи?

– Носете светла облека така што инсектите и крлежите ќе бидат светли и видливи;
– Носете долги ракави, а блузите да бидат вовлечени во појасот;
– Избегнувајте прошетки во висока трева, шумски и влажни предели покриени со лисја бидејќи таму крлежите сакаат да се кријат;
– Користете стикови или распрскувачи за одбивање инсекти или крлежи на кожата;
– Секогаш по престој во природа направете детален преглед на алиштата и на кожата;
– Крлежите сакаат да се кријат во топли и влажни предели на човековото тело како што се пазуви, препони, зад лактите или колената, во наборите на задната страна од вратот, папокот или ушите.
– Отстранувањето на високите треви и средувањето на терените/земјиштето ги штити луѓето од изложеност на каснување од крлежи.

Извор: Прирачник за здравствени работници,
Поврзаност на климатските промени и инфективните заболувања