Фондот на ЕУ најверојатно нема да ги исполни целите за кои е создаден

Разговорите на лидерите на ЕУ за буџетот од 2,1 трилиони долари и за фондот за закрепнување од последиците од коронавирусот, вчера влегоа во третиот ден со предупредување на германската канцеларка Ангела Меркел дека самитот на 27 лидери сѐ уште може да заврши без договор

Самит на ЕУ за планот за закрепнување од пандемијата

 

Европските лидери, кои се среќаваат деновиве во Брисел, покрај разговорите на Самитот на ЕУ за новиот буџет од 2,1 трилиони долари, најмногу надеж полагаа во фондот за обнова од 750 милијарди евра, што би требало да го спаси континентот од кризата со коронавирусот. Но тој нема да биде доволен. Ваков заклучок наведува угледниот магазин „Политико“, наведувајќи дополнително дека по четири дена дебатирање на собирот на европските лидери, кој започна на крајот од минатата недела, германската канцеларка Ангела Меркел во неделата предупреди дека сѐ уште е можно самитот да заврши без договор.
– Дали ќе има решение, сѐ уште не можам да кажам. Има многу добра волја, но има и многу позиции. Ќе се приклучам да работам на тоа, но исто така е можно да не биде постигнат резултат денеска – изјави Меркел откако пристигна порано за да учествува во дополнителниот ден на разговорите од планираниот дводневен самит во Брисел.
Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон доцна на 18 јули излегоа од вжештените разговори со групата на нациите предводени од Холандија, кои вршат притисок за ограничување на износот на грантови што ќе им се дадат на земјите чии економии се најтешко погодени од пандемијата. Тие сакаат да наметнат строги услови за тоа како да се трошат парите.

– Тие бегаат во лошо расположение – изјави холандскиот премиер Марк Руте доцна во саботата навечер откако Меркел и Макрон заминаа од разговорите.
Во меѓувреме претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, беше ангажиран во низа интензивни билатерални разговори со лидерите на ЕУ. Високи официјални претставници во Брисел вклучени во процесот велат дека сепак атмосферата за разговорите „е подобра од очекуваното“.
Сепак, оние што се надеваат дека планот за заздравување ќе ја направи разликата, речиси сигурно ќе бидат разочарани, наведува „Политико“. Според магазинот, нема да биде можно да се убеди Северна Европа да се согласи на такво значително задолжување и давање грантови без робустен процес на реформи, имплементација и рецензија, процес што Брисел штотуку го започнува. Ова ќе биде потребно време да се воспостави. Според сегашните планови, Италија нема да види пари од фондот до крајот на 2021 година. Значајните суми ќе дојдат многу подоцна, во 2023 година, односно предоцна за да се спречи Италија да доживее длабока рецесија и огромни нивоа на јавен долг.

Во меѓувреме, пандемијата и политиката ќе продолжат да чекорат напред. Освен што ќе се справува со ризикот од втор бран, италијанскиот премиер Џузепе Конте исто така ќе треба да се соочи и со тешките регионални избори, уставниот референдум по летото, како и со евентуални обвиненија за начинот на кој неговата влада се справи со ковид-19.
Инаку по зафаќањето на пандемијата, извршната власт на ЕУ предложи да биде понуден фонд од 750 милијарди евра како заеми и грантови за земјите на кои им е најпотребно. Тоа ќе биде повеќе од седумгодишниот буџет на ЕУ од 1 трилион евра за кој лидерите се бореа дури и пред да земјите-членки да бидат погодени од коронавирусот. Ваквиот чекор на Брисел беше резултат на предвидувањата од пандемијата, кои велеа дека ЕУ се соочува со најголемата рецесија од нејзиното основање.
Сите нации се согласија дека треба да помогнат, но побогатите нации од северот, предводени од Холандија, бараат стриктни контроли за трошењето, додека земјите од југот, кои најмногу страдаат, како Шпанија и Италија, велат дека условите треба да се задржат на минимум.