Незнаењето за коронавирусот и ковид-19 не беше ограничено само на државите и владите, туку тоа се случи и со мултилатералните организации, како ЕУ и НАТО, па и ООН. Некои од државите во паника повторно ги вратија граничните контроли, ги запреа патниците, трговската стока и товарниот транспорт, па истите тие со денови беа заглавени на границите, а воздушниот сообраќај во голема мера беше прекинат. Една година подоцна, со воведувањето на вакцините против ковид-19, повеќето бариери за патување беа отстранети, но, сепак, не целосно. Сѐ уште постојат некоординираност, неусогласеност и различни рестриктивни мерки во Европа и во светот. Ќе следува ли уште една тешка година за патувањата, туризмот и стопанството?

Следува ли уште една тешка година за патување?

Кога пандемијата го зафати европскиот блок во почетокот на 2020 година, државите беа затечени и во конфузија, без предвидените сценарија на кризен менаџмент за ваков тип криза, па не знаеја како треба да се реагира. Незнаењето не беше ограничено само на државите, туку тоа се случи и со мултилатералните организации, како ЕУ и НАТО, па и ООН. Некои од државите во паника повторно ги вратија граничните контроли, ги запреа патниците, трговската стока и товарниот транспорт, па истите тие со денови беа заглавени на границите, а воздушниот сообраќај во голема мера беше прекинат. Една година подоцна, со воведувањето на вакцините против ковид-19, поголемиот дел бариери за патување беа отстранети, но, сепак, не целосно.

Неусогласеноста на здравствено-безбедносните мерки е голем проблем за движењето на патниците

Неколку недели пред почетокот на новата година за влез во државите од ЕУ повторно се вратија нови и построги правила, кои ги наметна појавата на сојот омикрон, а туризмот се соочува со нови дилеми дали ќе може воопшто да се врати на патеките како во времето пред корона-кризата. Ова меѓу другото се наведува во анализата на магазинот „Политико“, кој пишува дека рестрикциите и правилата за влез во државите од ЕУ за претстојната зимска туристичка и празнична сезона говорат дека, сепак, туризмот и следната година ќе се соочува со тешкотии.
Во тој контекст, европските медиуми ги пренесуваат постојните актуелни правила за влез во европските земји што се во сила. Па, така, за влез во Шпанија и во Италија патниците треба да покажат потврда за комплетна вакцинација, негативен резултат од ПЦР-тест направен 72 часа пред пристигнувањето или антиген-тест подготвен 48 часа пред патувањето, како и потврда за прележан ковид-19 во последните шест месеци. Покрај пополнетиот формулар за престој, Шпанија ги признава сите вакцини што се одобрени од страна на ЕМА и на СЗО, наведува „Еуроњуз“. Во Малта, како што наведува медиумот, покрај стандардните барања и вакцините признаени само од ЕМА, патници од црвената листа можат да влезат само под одредени околности, а притоа за нив се воведува карантин од 14 дена во хотел на сопствен трошок. Португалија исто така ги признава само вакцините одобрени од ЕМА за влез во државата, покрај стандардниот европски зелен сертификат. Негативен тест на влез во државата е задолжителен за сите патници, како и формулар за престој.

Полициски час, маски и карантини за туристите во Западна Европа

Во Западна Европа важат построги правила за влез во државите, од кои некои имаат воведено рестриктивни мерки и за своите граѓани. Холандија е делумно затворена, така што продавниците затвораат во дваесет часот, кафулињата работат до седумнаесет часот, а рестораните се затворени. Маските се задолжителни во затворени простории, како и приложувањето ковид-пропусница за сите над 13 години за одредени јавни простори. За влез во државата на патници од земји со низок ризик е потребен само формулар, меѓутоа за другите е потребен ковид-сертификат, а за патници од црвената листа е задолжителен десетдневен карантин. Во Франција нема карантин, но патниците од одредени држави мора да имаат валидна причина за влез покрај стандардните процедури. За влез во затворено е потребно да се приложи ковид-пропусница.
Во меѓувреме, во Австрија е воведен карантин, со тоа што домот може да се напушти само за извршување на неопходните обврски. Па, така, рестораните и хотелите во земјата се очекува повторно да бидат отворени од 20 декември. Влез во Австрија е дозволен од земјите со низок ризик. Во исто време, состојбата во Германија исто така е компликувана кога станува збор влез во земјата. Покрај стандардните мерки за влез во државата, патниците од ризичните земји мора да пополнат формулар покрај другата задолжителна документација. За вакцинираните нема пречки за влез во затворени простори, каде што важат правилата за ограничување на присутни од 30 до 50 отсто од капацитетот на објектот.
Поттикнати од актуелните состојби, повеќето експерти и туристички оператори пред почетокот на зимската туристичка сезона во Европа оценуваат дека омикрон повторно ќе го дестабилизира туристичкиот сектор, а резултатот од тоа ќе има сериозен одраз на економиите, особено на државите што во голема мера буџетот го полнат токму од туризмот.

Подготвил: Дејан Србиновски