Новите судири меѓу Турција и Грција во Средоземно Море не се обичен билатерален спор и тие се одраз на интересите на актуелните ривалски сојузнички сили. Првиот е „револуционерниот сојуз“ на Турција, Катар, Муслиманското братство, како регионално движење, и Иран. Наспроти нив е „сојузот на статус кво“ застапуван од Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Израел

Зголемените тензии меѓу Турција и Грција, за експлоатација на природните ресурси во Средоземно Море, не се само уште еден билатерален спор меѓу две соседни држави, туку станува збор за нешто многу посложено. Ако Европа не посвети внимание, може да биде вовлечена во засилениот конфликт на Блискиот Исток. Како што се нагласува во анализата на „ЕУ обзервер“, Турција полека чекори по патот на нов отворен конфликт со Европа, откако последниот заврши пред нешто повеќе од сто години со Првата светска војна. Грција користи воен јазик, додека Турција вели дека нема да прави компромиси и настојува да продолжи со потрагата по нафта и природен гас на дното на источниот дел од Средоземно Море. Грција тврди дека ги има правата за истражување во овој регион.
Сегашната состојба во Медитеранот многу потсетува на состојбата пред почетокот на Првата светска војна.

И денес на овој терен се актуелни ривалските сојузнички сили. Од една страна е присутен „револуционерниот сојуз“ на Турција, Катар, Муслиманското братство, како регионално движење, и Иран. Од друга страна постои „сојузот на статус кво“ застапуван од Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Израел.
Скорашните тензии меѓу Турција и Грција, за истражување на наоѓалишта на нафта и природен гас, гледано низ поширок аспект ги опфаќа Грција, Либија и Иран. Истовремено се забележува дека некои европски држави веќе избираат страни и дека даваат поддршка на еден од сојузите на Блискиот Исток, како што пренесува „ЕУ обзервер“. Франција, Грција и Кипар го поддржуваат „сојузот на статус кво“, додека Шпанија и Малта се наклонети повеќе кон „револуционерниот сојуз“, а Италија се наоѓа во средината.

Револуција наспроти статус кво

Потеклото на револуционерниот сојуз датира уште од самите почетоци на Муслиманското братство во дваесеттите години на минатиот век, кое ја наметнува моќта по Арапската пролет. Катар го поддржува ваквиот тренд додека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган стана главен пример како успешно се комбинираат исламот и демократијата. Од друга страна, Арапската пролет беше кошмар за Саудиска Арабија, која по секоја цена сака да избегне нестабилност на Блискиот Исток делумно од економски причини, но и поради страв од револуција во самата држава. Истото важи и за Емиратите.
Израел од своја страна исто така претпочита стабилност. Државата има потпишано мировен договор со Египет уште во 1979 година, а со Емиратите склучија ист таков договор на 13 август годинава. На овој начин, врските меѓу Саудиска Арабија, Египет, Емиратите и Израел стануваат сè појасни.

Но нештата се посложени поради војната во Сирија, во која Иран и Турција се на спротивните страни. Покрај дополнителната сложеност, двете страни истовремено се зближуваат, но и се непријателски настроени една кон друга. Турција и Египет ги кршат копјата во Либија каде што двете даваат воена поддршка на спротивните страни од конфликтот. Друг пример е Катар. Кога Саудиска Арабија, Емиратите и Египет наметнаа блокада на Катар во 2017 година, Турција веднаш испрати 3.000 дополнителни војници додека Иран го отвори воздушниот простор за летови на „Катар ервејс“. Слични сојузи се забележуваат во најновите ескалации во источниот дел на Медитеранот.

Европејците заземаат страни

Разликата е во тоа што сега европските држави се вмешани во овие сојузи. За да го олесни искористувањето на нафтата, Египет склучи поморски договори со Грција и Кипар, како и со Израел, додека Турција постигна ривалски договор со официјалната либиска влада. Двете страни ги спорат овие договори. Турција смета дека Египет не треба да се меша во водите околу Крит и Кипар, а Египет, пак, не сака турски воени бродови во близината на соседниот либиски брег.
Како што растат тензиите меѓу Грција и Турција, наедно и двете членки на НАТО, Франција бара од НАТО и од ЕУ санкции против Турција. Од друга страна, Шпанија склучи билатерален трговски договор со Турција на 27 јули, а течат трговските преговори и со Италија. Во Либија, Италија, Малта и во Турција исто така одлучија да ја зајакнат соработката.