Претседателот на руската Државна Дума, Вјачеслав Володин, како што пренесуваат руските агенции, изјавил дека секоја провокација насочена кон една нуклеарна држава претставува закана за глобалната безбедност.

– Добро е што инцидентот со британскиот разурнувач во Црното Море заврши без никакви последици. А последиците можеа да бидат застрашувачки. Секоја провокација насочена кон една нуклеарна држава претставува закана за глобалната безбедност на планетата – напиша Володин на својот профил на „Телеграм“, пренесоа медиумите.

Тој исто така рече дека сега Европската Унија се обидува да го ублажи она што го стори Велика Британија, што е еден вид изразување на двојните аршини.

– Би било исправно меѓународните организации како ОБСЕ, ООН и ПССЕ да го осудат инцидентот и да ги повикаат на одговорност сите што учествуваа во организацијата на оваа авантуристичка акција – додаде тој.

Како што објави руското Министерство за одбрана, руската црноморска флота заедно со граничната служба на ФСБ во средата испукаа три предупредувачки истрели со цел да спречат британскиот разурнувач да ја наруши руската државна граница.