Набргу по објавувањето на вестите за блокадата на Суецкиот Канал поради заглавувањето на големиот товарен брод „Евер Гивен“, се појавија и гласините дека Марва Елселедар е виновна за ситуацијата. Во тоа време таа беше прв офицер на бродот „Аида 4“ кој се наоѓаше во Александрија, Египет. Тој брод врши снабдување на светилник во Црвеното Море, а се користи и за обука на кадети од Арапската академија за наука, технологија и поморски транспорт (ААСТМТ), регионалниот универзитет управуван од Арапската лига.

Гласините за улогата на Елселедар во блокадата главно беа поттикнати од скриношотови од лажна вест, наводно објавена од „Араб њуз“ во кој се велеше дека таа била вмешана во индицентот во Суецкиот Канал.

Се чинеше дека за фабрикуваната слика е искористена вистинска вест објавена од „Араб њуз“ на 22 март, која го прикажува успехот на Елселедар, како прва Еѓипканка што станала капетан на брод. Спорната слика била споделена десетици пати на Твитер и на Фејсбук. А повеќе профили на Твитер исто така ширеа лажни тврдења оти Елселедар била вмешана во блокирањето на Суецкиот Канал.

Дваесет и деветгодишната Египѓанка во разговор за „Би-би-си“ кажа дека нема поим кој прв ја објавил таквата приказна, ниту зошто го сторил тоа.

– Сметав дека можеби целат кон мене бидејќи сум успешна жена на ова поле, или бидејќи сум Египќанка, но не бев сигурна – кажа Елселедар.

Елселедар тврди дека секогаш го сакала морето и била инспирирана да се приклучи на трговската морнарица откако нејзиниот брат се запишал на ААСТМТ. Но додава дека се соочувала со сексизам за време на студиите. Според податоците на Меѓународната поморска организација, има два отсто жени меѓу светските морнари.

По дипломирањето таа напредуваше до чинот на прв офицер и командуваше со „Аида 4“, првиот брод што помина низ Суецкиот Канал по неговото проширување, во 2015 година. Тогаш, таа беше и најмлад, а и прва жена-капетан од Египет што помина низ каналот. Кога се појавија гласините за учеството на младата Египѓанка во блокадата, таа стравуваше за последиците по нејзината работа.

– Лажната вест беше на англиски па се прошири и во други држави. Силно се обидов да ја негирам нејзината содржина бидејќи и штетеше на мојата репутација и на напорите кои ги вложив во моите досегашни постигнувања – објаснува Елселедар, додавајќи дека, сепак, била охрабрена од реакциите на лажните обвинувања, како и дека најпосле, таа станала уште пославна.

Елселедар следниот месец ќе полага испит за стекнување на чинот капетан и се надева дека ќе продолжи да биде пример за жените во поморската индустрија.

– Мојата порака до жените кои сакааат да се занимаваат со поморство е да се борат за она што го сакаат и да не дозволат врз нив да влијае негативноста – порачува Елселедар.