Белгија треба да покаже великодушност кон членовите на персоналот на ЕУ, кои се британски државјани и аплицирале за белгиско државјанство поради Брегзит, изјави денеска претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
Во услови кога до Брегзитот останува помалку од една година, многу британски државјани, вклучувајќи и лица кои работат за различни органи на ЕУ, се во процес на добивање државјанство на други земји од Унијата.
Јункер апелираше до белгискиот премиер Шарл Мишел, откако одржа говор во Европскиот парламент, во кој и се заблагодари на Белгија за нејзиното „гостопримство и домаќинство“ на институциите на ЕУ.
– Би сакал белгиските власти да се однесуваат исто толку великодушно и кога станува збор за давањето белгиско државјанство на британските претставници тука во Брисел, затоа што тие го заслужуваат тоа, рече шефот на Европската комисија.
Портпаролот на Јункер, Маргаритис Схинас објасни дека има разлика меѓу внатрешните правила за персоналот на ЕУ и барањата за државјанство. Европската комисија веќе ги увери британските официјални лица дека ќе можат да продолжат да работат за ЕУ.
Одделно од „оваа постапка“, многу британски државјани аплицираат за белгиско државјанство, откако ги исполнија условите за жителство, истакна Схинас.
Европската комисија има околу 32.000 вработени, од кои над 900 се Британци.