Венецуелскиот претседател Николас Мадуро предупредува на опасност од граѓанска војна во земјата, додека се соочува со сѐ поголем притисок за негово заминување од власта. Мадуро го отфрли ултиматумот на Европската Унија за распишување нови претседателски избори, по што најмалку девет европски земји го признаа опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за легитимен претседател, пренесуваат светските медиуми.
– Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја извалка со крв Белата куќа, ако интервенира во кризата. Сѐ зависи од нивото на лудост и агресивност на северната империја и нејзините западни сојузници. Бараме никој да не се меша во нашите внатрешни работи и подготвени сме да ја браниме нашата земја – порача Мадуро.
Претходно, претседателот Трамп за Си-би-ес изјави дека употребата на воена сила не е исклучена како опција. По ова, Мадуро го предупреди шефот на Белата куќа дека ако интервенира ризикува војна како онаа во Виетнам, во која беа убиени илјадници американски војници, кои беа испратени да се борат против комунистичките сили.
Венецуелскиот претседател исто така го отфрли ултиматумот на ЕУ, за распишување нови претседателски избори во период од осум дена. По ова, девет европски земји (Португалија, Финска, Германија, Холандија, Шпанија, Франција, Британија, Австрија, Шведска и Данска) го признаа опозицискиот лидер Гуаидо за привремен претседател на Венецуела. Тој завчера порача дека ќе изгради меѓународна коалиција за испорачување хуманитарна помош за Венецуелците.