Затворањето на каналот Ла Манш го отсече континентот од Кралството
Економист
Двете големи приказни во Велика Британија во 2020 година се брегзит и ковид-19, кои паралелно се развиваа без да имаат некое особено големо меѓусебно влијание. Како што се ближи крајот на транзицискиот период кој ќе заврши на 31 декември, Дејвид Гок, поранешниот највисок лорд-канцелар од конзервативната партија, истакнува дека „како во крајот на секоја телевизиска серија, приказните конечно се спојуваат“. Случувањата кои ги обединија двете приказни е појавата на новиот тип на ковид-19, за кој се смета дека е особено заразен и предизвика многу земји во Европа и надвор од неа да им забранат влез на британските граѓани токму кога преговорите за трговски договор по брегзит меѓу Кралството и Европската Унија (ЕУ) влегоа во финишот. Последниот чин се одвива во југоисточниот округ Кент каде што се појави новиот тип на вирусот и воедно таму се наоѓа пристаништето Довер.
Пристаништето преку кое се одвива 90 отсто од товарниот сообраќај на Велика Британија со ЕУ, се подготвуваше да се справи со проблемите што ќе се појават на 31 декември, но се чини дека тие се случија многу порано. Во неделата пристаништето беше затворено поради тоа што Франција ги спушти граничните рампи кон Кралството. Завчера, до средината на денот, Здружението за патишта (РХА), кое е трговски орган, соопшти дека на патот М20 до Довер имало километарска колона на камиони.
Ефектите нема да ги почувствуваат само Кент и заглавените возачи на камиони. Наскоро може да се јави недостиг на свежи продукти на пазарот, а Ричард Барнет од РХА посочи дека „голем број на европски возачи и шпедитери не сакаат да влезат во Велика Британија“, додека од синџирот на супермаркети „Сејнсбери“ предупредија дека може да се јави недостиг на марула, зелка, брокула и агруми затоа што сето тоа до Довер пристигнува преку каналот Ла Манш. Деловните субјекти низ земјата исто така се изложени на овој проблем. Франција побара да се воведе строг режим за тестирање на новиот вид на ковид-19 на границите, пред тие повторно да се отворат. Ова тешко може да се постигне со оглед на британските капацитети за тестирање на досегашните типови на коронавирус.
Три теми доведоа до вкрстување на приказните во епизодата со наслов „Пеколен Божиќ“. Едната е тоа што вирусите природно мутираат поради што ковид-19 одеднаш стана позаразен. Природата на преговорите исто така има свој придонес во кризата на крајот од годината. Поминаа четири години откако Велика Британија изгласа излез од Унијата, а помина повеќе од една година откако Кралството и ЕУ го постигнаа договорот за повлекување, и истекува уште една недела до крајот на транзицискиот период, но сепак, сè уште се актуелни аргументите за финалните елементи. Двете страни сакаат договор, но ниедна не сака да направи поголеми отстапки, така што преговорите се движат по трнлив пат.
Последно, но не и неважно, Гок смета дека владиниот „пристрасен оптимизам“ исто така придонел за кризата. Во текот на пандемијата и преговорите за брегзит, Борис Џонсон, кој е добро познат по тоа што не сака да соопштува лоши вести, премногу ветуваше, а малку оствари. Со тоа што премногу гледаше на светлата страна, премиерот не успеа да се подготви за поцрни сценарија. Иако последната епизода ќе биде непријатна за повеќето Британци, сепак може да се претвори во добри вести за владата. Ако хаосот поврзан со брегзит се прелее во хаосот поврзан со ковид-19, тогаш за недостигот на продукти во продавниците ќе бидат виновни природата и подлоста на Французите кои добро би ја одиграле улогата на дежурен виновник за грешките на самата Велика Британија.
Превод: Билјана Здравковска