На Франција можеби ќе ѝ биде потребна стручна помош од Русија во обновата на Богородичната црква, која изгоре во април, изјави амбасадорката на земјата во Москва.
– Пред сè сакам да ѝ се заблагодарам на Русија што изрази загриженост за овој трагичен пожар. Ние формиравме агенција во Париз која работи на реставрација на катедралата Нотр Дам и таа ќе ја контактира Москва. Тие ќе утврдат каква стручна помош ни е потребна. Ние сме подготвени да повикаме експерти во Париз – рече Силви Берман, пренесува ТАСС.
Познатата катедрала од 12-от век делумно изгоре во голем пожар на 15 април. Кулата и голем дел од покривот беа уништени, додека остатокот од зградата како и уметничките дела и реликвии беа зачувани.
Причините за пожарот не се познати. Постои сомнение дека бил предизвикан или од краток спој во електричната инсталација или од запалена цигара.