Возачите во градовите ширум Венецуела со саати вчера чекаа во редовите за гориво, кое е се повеќе недостапно поради блокирањето на увозот и прекинот со работа на втората по големина нафтена рафинерија во оваа земја.
Недостигот од моторни горива станува сѐ почеста појава, особено во пограничните региони каде е распространет шверцот во соседните земји кој е резултат на великодушните субвенции на државната нафтена компанија ПДВСА, поради кои бензинот беше речиси бесплатен.
Сепак, во изминатите денови редовите на бензинските пумпи во западните и јужните погранични региони се подолги од вообичаено, а за бензин се чека повеќе од пет часа.
Венецуелците веќе се борат со хиперинфлација и недостиг на основните продукти поради болната петгодишна рецесија. Американските санкции во енергетскиот сектор влијаеја врз намалувањето на извозот на сирова нафта, што владата на претседателот Николас Мадуро ја примора да се бори за увоз на гориво.