Здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“, во соработка со Спортската федерација на слепи и слабовидни лица, утре и задутре ќе го организира третиот ветерански шаховски турнир во забрзан шах (девет кола, швајцарски систем), наречен „Гроздоберски“, кој ќе се одржи во просториите на Сојузот на слепи и слабовидни лица во Скопје (позади Универзална сала).
Бројот на учесниците е лимитиран на 24 шаховски ветерани поради ограничените просторни можности, а темпото на игра е 20 минути, плус 15 секунди за секој одигран потег почнувајќи од првиот, по играч. Федерацијата на слепи и слабовидни лица на турнирот ќе пријави свои шахисти-кандидати за репрезентацијата на Македонија, која, пак, годинава ќе настапи на екипното Светско првенство (СП) за ветерани во Струга (19-28 септември). Првите пет кола ќе се играат утре, со почеток од 11 часот, а во истиот термин в недела и преостанатите четири. Победникот на турнирот ќе добие 4.000 денари, вториот 3.000, третиот 2.000, четвртиот 1.500 и петтиот 1.000 денари.
Четвртиот и последен турнир од оваа серија на ветерански турнири во забрзан шах, кои ги организира здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“, предвидено е да се одржи на 18 и 19 ноември, по што ќе биде познат и вкупниот победник за 2023 година.
Г.И.