Лос Анџелес рамс го совлада Синсинати бенгалс (23-20) и е вториот тим што го освоил Супербоулот на својот стадион „СоФи“, пред околу 70.000 гледачи

СУПЕРБОУЛ

Лос Анџелес рамс беше подобар од Синсинати бенгалс (23-20) во 56. супербоул-натпревар. Рамси до втората НФЛ-титула дојдоа со тачдаунот на Купер Кап, на 1,25 минута до крајот, кога се чинеше дека Бенгалси ќе го освојат првиот Супербоул во клупската историја, по само две години откако беа најлошиот тим во лигата. Рамси, кои се преселија во Лос Анџелес од Сент Луис пред шест години, се вториот тим по ред што го освоил Супербоулот на својот стадион „СоФи“ (пред околу 70.000 гледачи), за чија изградба беа потрошени околу пет милијарди долари, откако тоа лани го стори Тампа Беј баканирс.
Кап е првиот играч што освојува три трофеи во една сезона, Супербоулот, за најкорисен играч на мечот (МВП), а минатата недела ја доби и наградата за најдобар офанзивен играч во регуларниот дел од сезоната.
– Многу сум благодарен. Овие момци овде ме предизвикуваат, ме туркаат и го прават многу забавно доаѓањето на работа секој ден – изјави Кап.
Шон Меквеј, на возраст од 36 години и 20 дена, стана најмладиот тренер што го освоил Супербоулот.

Според неофицијалните извештаи, мечот во Лос Анџелес преку телевизија го гледале рекордни 117 милиони гледачи само во САД. Супербоул-натпреварот, најголем во американскиот спорт според многу параметри, генерира околу 14,6 милијарди долари, најмногу од рекламите, кои годинава чинеа 6,5 милиони долари за 30 секунди емитување. Дел од тие пари оди и кај победниците. Шампионските прстени се вредни сувенири, кои чинат околу 36.500 долари, а освен нив секој член на победничкиот тим добива парична награда од 150.000 долари (на поразениот по 75.000), плус други бонуси.
За шоуто на полувремето се погрижија, за првпат, хип-хоп ѕвездите д-р Дре, Еминем, Снуп Дог, Мери Џеј Блајџ и Кендрик Ламар, кои постигнаа совршена рамнотежа помеѓу многуте хитови.