Денеска во Рим ќе се сретнат Полска и Словенија, кои третпат во низа играат меѓу себе во полуфинале на ЕП, а втората двојка е Италија – Франција
ОДБОЈКА – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Италија – Франција и Словенија – Полска се полуфиналните дуели на 33. Европско првенство (ЕП) во одбојка, чија завршница ќе се одржи во Рим (Италија). Третпат во низа во полуфинале на ЕП играат меѓу себе Словенија и Полска (на ЕП 2019 и на ЕП 2021 победи Словенија со по 3-1). Франција, Словенија и Италија беа полуфиналисти на ЕП 2015, Франција, Словенија и Полска на ЕП 2019, а Италија, Словенија и Полска беа меѓу четирите најдобри селекции на ЕП 2021.
На ЕП 2021 во финалето Италија ја победи Словенија, која, пак, беше финалист и во 2019 година (загуби од Србија) и во 2015-та (загуби од Франција). Полска и Франција играат за своето второ европско злато, а актуелниот европски и светски првак Италија за осмото. Во полуфиналето на ЕП 2023 се пласираа сите четири победници во групната фаза, од кои Италија, Словенија и Полска се без пораз. Освојувачите на медали ќе се пласираат директно на Светското првенство во 2025 година.
Во првите четвртфинални дуели Франција ја победи Романија со 3-0, а Словенија ја совлада Украина со 3-1. Завчера, пак, Италија ја победи Холандија со 3-2 (Холандија водеше со 1-0), а Полска ја совлада Србија со 3-1 (два сета се играа на разлика, 28-26 и 36-34), а двата меча траеја по повеќе од два часа. По овие четвртфинални дуели, Холандија е петта на ЕП 2023, а потоа следуваат Србија, Романија, Украина… Г.И.