Откако престана со активното играње, Царчев беше успешен тренер на репрезентативните голмани. Да биде сѐ во стилот на Цар, покрај двете европски титули со Вардар, во стручниот штаб на Гонзалес и на Парондо, со репрезентацијата на Саудиска Арабија ја освои бронзата на Азискиот шампионат

Александар Царчев (2)

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (260)

По оние бурни години, кога Александар Царчев бранеше за повеќе клубови во Македонија и во Шпанија, дојде период кога со еден неочекуван потег ги изненади љубителите на ракометот. Кога сите очекуваа да продолжи како тренер и да им го пренесе своето искуство на помладите голмани, тој го напушти ракометот и се „пресели“ во одбојката. Меѓутоа, веднаш да кажам дека оваа трансформација не беше без причина. Напротив, тој имаше многу аргументи да се реши на еден ваков чекор. Неговата ќерка Андреа беше инволвирана во одбојкарскиот спорт, а сопругата Живка Румева на времето не само што беше клупска натпреварувачка туку беше и репрезентативка на Македонија. Тоа беше доволна причина Царчев да се најде во одбојката и со своите пријатели во 2006 година да се ангажира максимално во ЖОК Вардар. Овде тој можеше да се потпре на долгогодишното искуство, кое му овозможуваше да не лута, туку да ги избере оние најдобрите работи неопходни за функционирањето на еден спортски колектив.
– Многумина беа изненадени од мојот потег. Но, со оглед на тоа што кај спортските фактори не постоеше интересирање за женската одбојка, јас со моите пријатели се договорив да преземеме иницијатива самите да создадеме услови за тренинг и за натпревари за младите девојки, меѓу кои беше и мојата ќерка. Лошата состојба во клубот едноставно беше предизвик да „запнеме од петни жили“ и да покажеме дека нема да дозволиме тој да згасне – вели Царчев.
Она што го посакуваше, во следните години, сѐ до 2010-та, Царчев го оствари. Вардар застана на здрави нозе, а неговата снаодливост и способност одеа дотаму што како поранешен „Шпанец“ успеа да обезбеди дополнителни средства за живот на клубот.
– Поучен од искуството во Шпанија, додека бранев таму, видов дека тие луѓе, кои во душа се многу добри, секогаш се подготвени некому да му помогнат без да бараат некој да им врати за дадената помош. Од тие причини предложив да се развие една соработка на спортски и на економски план на релацијата Скопје – Сарагоса. Многумина беа скептици и не веруваа оти од тоа ќе произлезе нешто. Јас, пак, не мислев така и ги уверував луѓето, сепак, да пробаме. И навистина соработката со Шпанците стана реалност, особено откако градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, ја прифати мојата идеја Сарагоса и Скопје да станат збратимени градови. Откако се реализира тоа, веднаш почна една подинамична соработка, од која најголема корист имавме ние во Македонија. Преку фирмите од Сарагоса почнаа да пристигнуваат многу донации во вид на лекови, вакцини и други неопходни материјали за здравствената заштита. Интересно е дека сето тоа Шпанците го правеа од срце, едноставно сакаа да помогнат онаму каде што навистина можеа да го сторат тоа. Така, речиси секој месец пристигнуваа камиони натоварени со најразлични медицински материјали. Мислам дека со тоа многу им помогнавме на нашите здравствени установи, а си помогнавме и самите себеси, зашто на таков начин и ние обезбедувавме средства за егзистенција на клубот. Оваа соработка траеше сѐ до 2010 година, кога дефинитивно решив да ги ставам во мирување активностите во одбојката – вели Царчев.

ПО ИНИЦИЈАТИВА НА САМСОНЕНКО, ВРАЌАЊЕ ВО РАКОМЕТОТ

Колку да го привлекуваше одбојката, во која неговата ќерка стана и репрезентативка, сепак, Царчев не можеше да се оддели од својата прва спортска љубов, ракометот. Така, кога во 2013 година му се укажа првата шанса, тој повторно се појави во ракометните сали. Интересно е, пак, како дојде до тоа.
– Главен „виновник“ за моето повторно ангажирање во ракометниот спорт е Самсоненко. Откако тогашниот сопственик на РК Вардар преку свои врски разбрал кој сум и што сум, веднаш бараше состанок со мене. Јас, нормално, го прифатив тоа и за пет минути се договоривме за мојот ангажман во клубот. Со оглед на тогашните потреби, во првите три години бев тренер на голманите во женската екипа, на чие чело беше нашата спортска легенда Индира Кастратовиќ. Со неа имавме добри резултати, а учествувавме и на европскиот фајналфор, но секогаш ќе се случеше нешто што ќе се појавеше како пречка да се искачиме на врвот на Европа. Меѓутоа, и тоа што го направивме дотогаш беше голема работа и не беше за потценување. Впрочем, самото учество во фајналфорот беше потврда за нашиот квалитет, зашто ако него го немаш, не можеш ни да сонуваш да дојдеш до разигрувањето за европската титула – вели Царчев.
Интересно е што Царчев во тој период не беше тренер само во женскиот туку и во машкиот тим на Вардар. Таму прв тренер беше сопругот на Кастратовиќ, па, така, и со него се разви една цврста и коректна соработка.
– Поради обврските во двата состава, машкиот и женскиот, често ми се случуваше по цел ден да останам во салата. Но, иако физички беше многу напорно, сепак, таа работа што ја работев ми причинуваше големо задоволство. Просто не можев да почувствувам колку брзо ми минува денот – додава Царчев.

ДЕСНА РАКА НА ГОНЗАЛЕС

Кога познатиот шпански тренер Раул Гонзалес дојде во Скопје, Александар Царчев се префрли да работи само во машкиот состав на Вардар. На некој начин тој му стана, како што вели народот, десна рака на Шпанецот.
– Откако дојде Раул, тој веднаш бараше јас да работам само со машката екипа. Уште при првиот контакт со него сфатив дека тука навистина може да се развие една голема соработка. Тој знаеше оти две години сум бранел за два клуба во Асобал-лигата, што беше аргумент повеќе веднаш да ми ја понуди работата со голманите. Исто така, му бев од голема корист и поради фактот што говорев шпански, па, така, додека тој не научи македонски, ја имав улогата на преведувач. Навистина, тоа беше едно интересно време, исполнето со многу случувања. За Гонзалес имам само убави зборови, како човек и како стручњак. Со него, впрочем, Вардар ја освои првата титула шампион на Европа. Потоа ова се случи уште еднаш, но овој пат на кормилото на тимот беше неговиот дотогашен помошник Парондо. Така, со двајцата Шпанци беа поврзани најголемите успеси на македонскиот клупски ракомет. Јас цело време, додека се постигнуваа овие резултати, бев со нив и непрекинато работев со голманите. Денес чест ми е да кажам и се гордеам со тоа што сум бил тренер на тројца големи професионалци, Штербик, Милиќ и нашиот Петар Ангелов-Диви. Да се работи со нив беше вистинско уживање – вели Царчев.
Во периодот додека работеше во Вардар, Александар Царчев беше тренер и на голманите на машката и на женска репрезентација. Како помошник на Гонзалес, Парондо и на Симевски, потоа и на Брестовац, беше учесник на светски и европски првенства и на медитерански игри.
– Од сите тие натпревари во најубаво сеќавање, ми се чини не само мене, туку на целата македонска спортска јавност, ми остана голот на Циндриќ во последните секунди од полуфиналниот натпревар на фајналфорот во 2017 година во Келн, а потоа во финалето и голот на Чупиќ на 5-6 секунди до крајот против ПСЖ. Имаше една синергија во тој Вардар, тоа беше нешто непрепознатливо дотогаш за нашите екипи – вели тој.

ТРЕТ ВО АЗИЈА СО САУДИСКА АРАБИЈА

Во 2021 година Александар Царчев заврши со ангажманите во Вардар и по препорака на нашиот поранешен репрезентативец Томе Петрески отиде во стручниот штаб, како тренер на голманите, на репрезентацијата на Саудиска Арабија.
– Тоа беше нов предизвик за мене. Не само што сакав да се докажам и да одработам максимално туку сакав и да ја оправдам довербата што ја имаше кон мене нашата ракометна легенда Томе Петрески, кој, пак, направи извонредна играчка кариера во Франција. Со репрезентацијата на оваа арапска земја веднаш почнавме да ја реализираме програмата за настап на шампионатот во Азија. За да се подготвиме што подобро, дојдовме на турнири во Италија и во Словенија, а претходно настапивме и на турнир во Доха. Така добивме јасна слика за моментната форма и за силата на екипата. Јас, пак, уште во текот на настапите на турнирите веќе знаев кој голман во која фаза од играта ќе биде најкорисен. И за радост на Саудијците, ние на Азиското првенство, кое се играше кај нас, стигнавме до третото место и до бронзениот медал. Во еден жесток дуел за бронзата, кој се одигра во Дамам, го совладавме Иран, тим на чие чело во моментов е светската ракометна легенда Вујовиќ. Инаку, победник на шампионатот беше Катар, пред Бахреин – вели Царчев.
Откако заврши и оваа епизода од кариерата, Царчев се врати дома и станаа прв човек на стручниот штаб на ЖРК Вардар. Очигледно за нашата ракометна легенда нема крај на кариерата. Тој останува во саканиот спорт, сега со нови предизвици како прв човек на стручниот штаб на еден прволигаш.
Нема сомнение, бурна ракометна приказна за популарниот Цар.