Тој е првиот македонски атлетичар што истрчал 3.000 метри побрзо од осум минути. Ова беше 22. национален рекорд за 24-годишниот Ивановски во кариерата, а тој е рекордер во дури девет дисциплини. На Балканијадата бронзен медал освои Трајковски, во скок во далечина
АТЛЕТИКА – БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО ВО ИСТАНБУЛ
Дарио Ивановски, најдобриот македонски атлетичар во моментов, ги освои второто место и сребрениот медал на 27. Балканското првенство во Истанбул (Турција) во сала, во трката на 3.000 метри. Тој ја истрча патеката за 7:58,48 минути, што е нов рекорд на Македонија (вреден 1.087 бода според Светската атлетика).
Првпат еден македонски атлетичар ја истрча патеката од 3.000 метри за помалку од осум минути. Претходниот рекорд на Ивановски, поставен на митингот во Белград, Србија, одржан во јануари годинава, изнесуваше 8:01,63 минути.
Новиот рекорд е втор по вредност резултат на Ивановски во кариерата и вкупно седми медал од балканските првенства (едно злато и по три сребра и бронзи).
Ова беше 22. национален рекорд за 24-годишниот Ивановски во кариерата. Тој е рекордер на Македонија во дури девет дисциплини (на 1.000 метри на отворено, на 1.500 метри во сала, 3.000 метри во сала, 3.000 метри на отворено, 5.000 метри на отворено, 10.000 метри на пат, 10.000 метри на отворено, во полумаратон и во маратон).
Лани, Ивановски го освои златниот медал во оваа дисциплина во Истанбул и стана балкански шампион, информираат од Атлетската федерација на Македонија.
Бронзен медал на Балканското првенство во Истанбул освои Андреас Трајковски, во скок во далечина, со прескокнати 7,62 метри, само три сантиметри помалку од неговиот државен рекорд поставен пред десетина дена на митинг во Данска. Трајковски во Истанбул настапи и во трката на 60 метри и забележа време од 7,02 секунди, за 16-то место. Третиот македонски претставник на Балканијадата, Јован Стојоски, беше 10-ти во трката на 400 метри, со време од 48,78 секунди.