Георгиевски, носител на сребро од ЛОИ во Токио, успешно ја продолжува новата олимписка сезона на Г1-турнири
ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР „БОСНА ОПЕН“
На силниот меѓународен турнир од серијата Г1, „Босна опен“, во Сараево (БиХ), најдобриот македонски таеквондист, репрезентативец и член на ТК Бутел, Дејан Георгиевски, предводен од помошник-селекторот Стефан Костовски, во тежинската категорија над 87 кг оствари нов голем успех, освојувајќи ги второто место и сребрениот медал. Со претходните три турнирски настапи, Георгиевски, носител на сребро од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, успешно ја продолжува новата олимписка сезона на Г1-турнири.
На истиот турнир бронзен медал освои членот на ТК Младост и македонски репрезентативец, Христијан Симоновски, предводен од неговиот тренер Стефан Миленковски, што е голем успех за овој млад и надежен таеквондист, оти носи бодови за европската и за олимписката ранг-листа. Симоновски ги совлада со по 2-0 во рунди Јосип Беванда од БиХ и искусниот Французин Роузмонд Нолхан, а во полуфиналето по голема борба во три рунди, беше поразен во последните секунди од Белгиецот Ел Јасин, информираат од клубот Младост.
– Симоновски настапи во категоријата Јуниор до 63 кг. Третото место му носи нови четири бода за европската ранг-листа, а откако ќе стане сениор наредната година ќе преминат во олимписката ранг-листа. Сега има 18 бода и е на 38. место, но откако ќе се внесат новите поени ќе се искачи меѓу првите 25 на европската ранг-листа. Викендов учествуваме на Балкан куп Г1, натпревар од ист ранг како и Босна опен Г1 и се надеваме дека повторно ќе освоиме медал и нови поени. Христијан е репрезентативец на Македонија и учесник на Светското првенство во септември во Кореја, каде што ни недостигаше малку спортска среќа и загубивме во третата рунда од репрезентативец на Порторико – вели Миленковски. Г.И.