Убав почеток со значајни седум бода за олимпиското рангирање. Георгиевски го елиминира Белорусинот Плонис, кој на олимписките квалификации за Париз нѐ спречи да обезбедиме норма и да настапиме во Франција, рече селекторот на репрезентацијата и тренер на ТК Бутел, Борче Костовски. На Е2-турнирот, најсилно рангирано младинско натпреварување во светското младинско олимписко таеквондо, Ведрана Тунески освои злато, а Лука Ангелов сребро. Од денеска следува нов предизвик, настапот на јуниорската репрезентација на СПТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР „ТИРАНА ОПЕН“
ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР „ТИРАНА ОПЕН“
На традиционалниот меѓународен таеквондо-турнир од серијата Г1 „Тирана опен“ (Албанија), викендов, најдобриот македонски таеквондист и носител на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, Дејан Георгиевски, во тежинската категорија над 80 кг, постигна голем успех освојувајќи го второто место. Георгиевски, кој настапи во категоријата над 70 кг, до среброто стигна откако забележа две победи, над Италијанецот Насо Марко и Белорусинот Артсиом Плонис, а во финалната борба загуби од грчкиот претставник Сотириос.
– Во финалето Георгиевски се бореше со мала повреда, која се надеваме дека за многу кратко време ќе ја санираме – вели селекторот на македонската репрезентација и тренер на ТК Бутел, Борче Костовски.
Георгиевски со овој настап успешно ја отвори новата олимписка сезона на Г1-турнири.
– Убав почеток со значајни седум бода за олимпиското рангирање во конкуренција на над 1.000 натпреварувачи во сите категории од повеќе земји. Она што е важно да се спомене е дека Георгиевски го елиминира Белорусинот Плонис, токму оној што на олимписките квалификации за ЛОИ во Париз нѐ спречи да обезбедиме олимписка норма и со тоа да настапиме во Франција годинава – рече Костовски.
Од другите македонски учесници, кои настапија во Тирана, златен медал освои кадетката Ведрана Тунески (категорија до 41 кг), освоен на Е2-турнирот, најсилно рангирано младинско таеквондо-натпреварување во светското младинско олимписко таеквондо. До големиот успех членката на ТКД Бутел стигна победувајќи ги Црногорката Милјана Јовиќиќ, Италијанката Аурора Парисела, Шпанката Дијаз Гомез и Италијанката Вирџинија Ламптис. Тунески е бронзена медалистка од Европското пионерско првенство, каде што во финалето ја совлада најдобрата светска таеквондистка во нејзината категорија, потенцираат од Македонската таеквондо-федерација (МТФ).
На истиот Е2-турнир сребро освои и Лука Ангелов од ТК Феникс Кик. Тој забележа две победи и еден пораз во финалната борба.
Македонското таеквондо од денеска до недела го очекува нов предизвик, и тоа настапот на јуниорската репрезентација на Светското првенство (СП) во Чунчеон (Јужна Кореја). Боите на Македонија на СП 2024 ќе ги бранат Андреј Василевски (до 59 кг), Филип Блажевски (до 68 кг), Христијан Симоновски (до 63 кг) и Дарко Георгиев (до 73 кг).
– Прв во Јужна Кореја пристигна Симоновски, кој под водство на својот тренер Стефан Миленковски ќе настапи денеска, a за неколку дена ќе пристигнат и другите тројца репрезентативци предводени од помошник-селекторката за младински категории, Викторија Спасовска. Годинашново СП за јуниори ќе биде најголемото досега во однос на бројот на спортисти, оти ќе учествуваат 963 регистрирани натпреварувачи од 127 национални асоцијации, индивидуални неутрални спортисти и светскиот тим за бегалци во таеквондо. Натпреварувањето ќе се одржи во 20 тежински категории, од кои по 10 во машка и во женска конкуренција – информираат од МТФ. Г.И.