НОРДИСКО СКИЈАЊЕ

Нова доминација на Норвежаните во Светскиот куп

И годинава Норвежаните доминираа во Светскиот куп (СК) во нордиско скијање, откако во конечниот пласман првите пет места ги освоија норвешките натпреварувачи. Харалд Естберг Амундсен (25) првпат во кариерата го освои кристалниот глобус наменет за победникот на Светскиот куп.
Победникот на новогодишниот „Тур де ски“, по огромна борба со сонародникот и лански победник во СК, Јоханес Хесфлот Клебо, сепак прв помина низ целта и триумфира со 54 поени предност. Амундсен, инаку светски вицешампион на трката на 15 км, постигна три индивидуални победи сезонава и секако највредната во генералниот пласман на „Тур де ски“. Уште трипати беше второпласиран, а четири пати третопласиран. Клебo блескаше на крајот од сезоната, правејќи огромен притисок врз Амундсен, со девет победи во последните 10 трки сезонава.
Пласман на СК, мажи: Харалд Естберг Амундсен (Норвешка) 2.654 поени, Јоханес Хесфлот Клебо (Норвешка) 2.600, Ерик Валнес (Норвешка) 2.106, Пал Голберг (Норвешка 1.869), Мартин Нингет (Норвешка) 1.409 бода итн. Г.И.


Ф1-возачот Пјер Гасли инвестира во француски фудбалски клуб

Возачот на Формула 1, Пјер Гасли, се впушта во фудбалот како инвеститор во Версај, клуб од париското предградие што игра во француската Трета лига, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Среќен сум што му се приклучувам на ФК Версај, бидејќи отсекогаш сум сакал да се вклучам во професионалниот фудбал. Ова е почеток на прекрасна приказна – рече Гасли, кој вози за Алпине.
Французинот ќе му се придружи на клубот како заеднички акционер. Н.М.