Винегард е 14-ти велосипедист со победи во низа на Тур де Франс

Данецот Јонас Винегард ја освои својата втора последователна титула на 110-то издание на велосипедската грантур-трка Тур де Франс. По три недели натпреварување низ 21 етапа Винегард (26) е прв, со седум минути и 29 секунди пред најблискиот ривал, двократниот победник, Словенецот Тадеј Погачар, кој триумфира на Тур де Франс во 2020 и во 2021 година. Британецот Адам Јејтс е трет во генералниот пласман, едно место пред својот брат близнак Сајмон.
– Ова беше супертешка трка и супердобра борба помеѓу мене и Тадеј. Се разбира, се надевам дека ќе се вратам в година за да видам дали можам да ја постигнам третата победа – рече Винегард.
Само осум велосипедисти освоиле три или повеќе титули на Тур де Франс од првото издание на трката во 1903 година, и тоа по пет Французите Жак Анкетил и Бернард Ино, Белгиецот Еди Мерккс и Шпанецот Мигел Индураин, четири има Крис Фрум од Велика Британија, а по три трофеи освоија Филип Тис од Белгија, Луисон Бобе од Франција и Грег Лемонд од САД.
Со триумфот две години по ред Винегард стана 14-ти велосипедист со таков успех на оваа грантур-трка.
Винегард изјави дека нема да паузира повеќе од една недела пред да ги почне подготовките за третата годинашна грантур-трка, Вуелта, во Шпанија, пишува „Би-би-си“.


ФОРМУЛА 1

Нова победа на Ферстапен, Ред Бул собори рекорд стар 35 години

Доминантната победа на Макс Ферстапен на трката за големата награда на Унгарија во Формула 1 постави рекорд на победи за неговиот тим Ред Бул, пишува „Би-би-си“. Седмата победа по ред на Холанѓанецот и деветта сезонава беше 12-та последователна победа на Ред Бул, со што го собори рекордот од 11 триумфи по ред поставен од Мекларен во 1988 година.
Возачот на Мекларен, Ландо Норис, го освои второто место, а трет беше Серхио Перез од Ред Бул. Луис Хамилтон, кој трката ја почна од пол-позицијата, го освои четвртото место. Во вкупниот поредок Ферстапен води со 281 бод, пред Перез со 171, Фернандо Алонсо со 139, Хамилтон со 133, Џорџ Расел со 99…