Фото: ЕПА

ФОРМУЛА 1

Мекларен прв го откри болидот за 2025 година

Актуелниот конструкторски шампион Мекларен е првиот тим од Формула 1 што го откри својот болид за 2025 година пред почетокот на новата сезона, откако автомобилот се појави на патеката во Силверстоун во четвртокот, при што Ландо Норис и Оскар Пјастри извозеа вкупно 200 километри, објави „Скај спорт“. Со оглед на тоа што сите 10 тима се обврзани да ги откријат своите бои за 2025 година на специјалниот настан за најава на 75-годишнината на Формула 1 во арената „О2“ во Лондон во вторник, возачите на Мекларен управуваа со болиди со алтернативен дизајн. Новата сезона почнува на 16 март со трката во Мелбурн (Австралија). Н.М.


КОШАРКА – НБА

Голден стејт ги спои спортот и музиката со нов албум

Голден стејт е познат кошаркарски клуб во НБА-лигата, но сега клубот стана пионер на ново поле, со спојување на спортот и забавата на начин што досега не го имал ниту еден клуб во НБА, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Како прв и единствен клуб од НБА-лигата со своја издавачка куќа, „Голден стејт ентертејмент“, клубот го проширува својот досег со „For the Soil“, нов албум објавен неделава. Проектот со врвни музички изведувачи пристигнува точно навреме за олстар-викендот што ќе се одржува во Сан Франциско, пишува АП. Н.М.


ФУДБАЛ

Полуавтоматска технологија за офсајд ќе се користи и во Англија

Полуавтоматска офсајд-технологија првпат ќе се користи во домашниот англиски фудбал за време на петтото коло од ФА-купот, од идниот викенд. Фудбалската асоцијација објави дека технологијата ќе се користи во седумте натпревари што се одржуваат на стадионите во Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Системот видеопомошник-судија (ВАР) исто така ќе биде активен на сите осум натпревари од петтото коло на ФА-купот, вклучувајќи го и мечот Престон од дивизијата Чемпионшип, а судиите ќе објавуваат одлуки од ВАР на стадионот. ФА додаде дека „по успешното тестирање во живо во ФА-купот на стадионот ’Емирати‘, Премиер-лигата ќе се обиде да го имплементира системот подоцна сезонава“. Н.М.