Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ПОРТУГАЛИЈА
Гонзалес од Порто му ја додели наградата за МВП на момче што собира топки

Фудбалерот од средниот ред на Порто, Нико Гонзалес, кој асистираше за победничкиот гол за победа со 2-1 дома на дуелот со Брага во португалската лига, му ја додели наградата за најкорисен играч (МВП) на момчето што собира топки, чие брзо додавање го почна потегот што доведе до голот, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Брзото фрлање на топката на момчето покрај аут-линијата до Мартим Фернандеш му помогна на дефанзивецот да го пронајде Гонзалес со брзо изведен аут. Гонзалес потоа одигра двојно додавање со напаѓачот Пепе, пред да го испрати во шеснаесетникот, при што ударот на Пепе ја затресе мрежата за нови три бода.
Порто е втор, со седум победи на осум првенствени натпревари, и има три бода помалку од актуелниот првак Спортинг. Гонзалес му ја врачи наградата за МВП на момчето.
– Денес, благодарение на него, добивме нови три бода. Овие момчиња се многу важни. Исто така е неопходно за оние што се покрај теренот и не се директно во интеракција со играта да сфатат како можат да помогнат, дури и од страна – рече тој. Н.М.


ФУДБАЛ – САД

МЛС го собори рекордот на посетеност со повеќе од 11 милиони гледачи

Фудбалската лига на САД (МЛС) надмина 11 милиони гледачи на стадионите и го собори рекордот за посетеност во регуларниот дел од сезоната во лигата, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Со преостанати 16 натпревари од регуларниот дел на сезоната, МЛС-лигата веќе ја надмина границата од 10.900.804 гледачи поставена во минатата сезона.
Во моментов МЛС-лигата има просек од 23.240 гледачи по натпревар, пишува „Ројтерс“. За достигнување на тој просек беше заслужна и публиката од 72.610 луѓе на дуелот Интер Мајами – Спортинг Канзас сити, потоа 70.076 гледачи на градскиот дерби-натпревар ФК Лос Анџелес – Лос Анџелес галакси, на средбата Интер Мајами – Њу Ингланд имаше 65.612 гледачи…, пишува „Ројтерс“. Н.М.


ФУДБАЛ – АНАЛИЗА НА ЦИЕС

Жоао Невес и Меси се на врвоткако најдобри создавачи на шанси сезонава

Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) ги претстави најдобрите 50 создавачи на шанси во денешниот светски фудбал, во најсилните пет домашни првенства во Европа и во 60 други лиги низ светот, според ексклузивно развиен индекс. Португалскиот талент Жоао Невес (Пари сен Жермен) води на вкупната листа пред Лионел Меси (Интер Мајами). Во петте најголеми европски лиги, Жоао Невес е пред Кол Палмер (Челси), Романо Шмид (Вердер) и пред Ламин Јамал (Барселона), а на ниво на другите 60 лиги вклучени во анализата, двајца Шпанци се рангирани по Лионел Меси, и тоа Ињиго Висенте (Сантандер) и Рики Пуиг (Лос Анџелес галакси), пишува ЦИЕС.
Индексот на создавање шанси се пресметува на скала од 100 со додавање на фреквенцијата на додавања што водат до гол или до чиста шанса, потоа додавања направени до асистентот (т.н. втора асистенција), како и додавања што ја пробиваат одбранбената линија на противникот со топка примена од соиграч, пишува ЦИЕС. Податоците се однесуваат на натпреварите од домашните лиги од сезонава, а во рангирањето се вклучени само фудбалери што одиграле најмалку 360 минути. Н.М.


ФУДБАЛ

Дефанзивецот Ван де Вен е најбрз во Премиер-лигата сезонава

Во првото полувреме на дуелот Манчестер јунајтед – Тотенхем, Мејсон Маунт ја изнесе топката од сопствениот шеснаесетник и сакаше да го проигра Алехандро Гарначо по десното крило, но Мики ван де Вен го стигна крилниот напаѓач со брзина од 37,12 км/ч и ја исфрли топката надвор од игра, пишува „Скај спорт“. Таа брзина речиси се совпадна со неговата рекордна брзина на сите времиња во Премиер-лигата од 37,38 км/ч, кога се врати за да го стигне Кин Луис-Потер за време на мечот со Брентфорд во јануари годинава. Репрезентативецот на Холандија, исто така, ја надмина бариерата од 37 км/ч на средбата со Њукасл во април, за време на неуспешниот обид да го спречи Александар Исак да ја удвои предноста на Њукасл. Сезонава ниту еден друг играч не ја надмина бариерата од 36 км/ч, пишува „Скај спорт“.
Ван де Вен е, исто така, брз и со топката во неговите нозе, а 23-годишниот играч за малку ќе собореше уште еден рекорд што го држи сезонава, против Манчестер јунајтед, за најдалеку водење топка што води до асистенција, 67,13 метри, само 60 см помалку од актуелниот рекорд сезонава, на мечот со Евертон во август. Само двајца играчи ги надминаа тие растојанија во Премиер-лигата од сезоната 2022/2023, Педро Нето (Вулверхемптон против Тотенхем во февруари годинава) и Исак (Њукасл против Евертон во април лани), пишува „Скај спорт“. Н.М.