Шпанија вторпат ќе биде домаќин на воведните етапи на Тур де Франс. Годинава се очекува настап на 22 тима, титулата ја брани Вингегард, Кевендиш ќе се обиде да постави рекорд на Тур де Франс…

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Тимовите ги објавуваат своите велосипедисти и сѐ е подготвено за почеток на 110-то издание на трката Тур де Франс, од сабота, која 25-ти пат ќе има почеток во странство, овој пат во Шпанија (Билбао), каде што ќе се возат првите три етапи.
Шпанија вторпат ќе биде домаќин на воведните етапи на Тур де Франс, првпат по 1992 година, кога една од трите велосипедски грантур-трки (уште и Џиро д`Италија и Вуелта) почна во Сан Себастијан. Тур де Франс првпат почна со етапи надвор од Франција во 1954 година, во Амстердам (Холандија).
Годинава се очекува настап на 22 тима, ќе има вкупно 21 етапа, со вкупна должина од 3.404 км. Предвидени се по осум рамни и планински етапи, четири ридски етапи и еден индивидуален хронометар.
Лани на оваа трка победи Јонас Вингегард од Данска, а ривал ќе му биде, меѓу другите, и двократниот шампион Тадеј Погачар од Словенија, кој победи во 2020 и во 2021 година. Британецот Марк Кевендиш, пак, ќе се обиде да влезе во историјата на Тур де Франс, откако му недостига една етапна победа за да го надмине рекордот на Еди Меркс, двајцата сега имаат по 34 триумфи.
Најмногу трофеи на Тур де Франс, по пет, освоија Французинот Жак Акентил (во 1957, 1961, 1962, 1963 и во 1964 година), Белгиецот Меркс (1969, 1970, 1971, 1972, 1974), Французинот Бернар Ино (1978, 1979, 1981, 1982, 1985) и Шпанецот Мигуел Индураин (1991, 1992, 1993, 1994, 1995). Н.М.