Фото: ЕПА

Ига Швјонтек, која ги следи Моника Селеш и Жастин Енан во книгата на рекорди како единствени тенисерки што освоиле три пехари по ред во женска поединечна конкуренција на Ролан Гарос од почетокот на опен ерата во 1968 година, е најмладата тенисерка во опен ерата што освоила четири трофеи на гранслем-турнирот во Париз

ТЕНИС – СО ТРЕТАТА ТИТУЛА ВО НИЗА НА РОЛАН ГАРОС

Полската тенисерка Ига Швјонтек постигна редок подвиг, освојувајќи ја третата титула во низа на гранслем-турнирот Ролан Гарос во Париз, убедливо победувајќи ја Италијанката Јасмин Паолини (12-та носителка) со 2-0 во сетови (6-2 и 6-1) за само 68 минути игра. Со тоа светскиот рекет број еден ја продолжи својата доминација на земјена подлога. На Швјонтек (23) ова ѝ беше четврта титула во Париз и петти триумф на гранслем-турнирите по нејзината победа на САД опен во 2022 година, пишува „Би-би-си“.
– Го сакам ова место, секоја година чекам да играм овде – рече по победата Швјонтек, која пристигна во Париз во голема форма, откако претходно веќе ги освои престижните титули на ВТА-турнирите во Мадрид и во Рим.
Швјонтек ги следи Моника Селеш и Жастин Енан во книгата на рекорди како единствени тенисерки што освоиле три пехари по ред во женска поединечна конкуренција на Ролан Гарос од почетокот на опен ерата во 1968 година. Селеш победуваше од 1990 до 1992 година, а Енан од 2005 до 2007 година. Швјонтек е најмладата тенисерка во опен ерата што освоила четири трофеи на Ролан Гарос.
– Да играм тука е најтешкиот предизвик во овој спорт за мене. Тоа беа интензивни 15 дена, а денес беше тешко, но јас сум навистина горда на себе – изјави Паолини.
Статистичките податоци велат дека Швјонтек е импресивна. Таа победи на 21 натпревар во низа на Ролан Гарос, има четврта најдолга поединечна серија во опен ерата за тенисерки. Победила на 35 од 37 натпревари во кариерата на Ролан Гарос, односно нема пораз на гранслем-турнирот во Париз од 2021 година. Откако спаси меч-топка на дуелот со Наоми Осака, таа освои 64 од 81 гем на својот пат кон титулата. Само Крис Еверт Лојд (седум трофеи), Штефи Граф (шест) и Енан (четири) имаат освоено повеќе титули на Ролан Гарос. Швјонтек загуби најмалку гемови до финалето на Отвореното првенство на Франција, откако Енан ја победи Ана Ивановиќ во 2007 година, пишува „Би-би-си“. Г.И.